На покана на Универзитетот во Грац, министерот Димитров денеска ќе одржи предавање проследено со отворена дискусија на тема „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија.“
Посебен акцент ќе биде ставен на Договорот од Преспа, „европеизацијата“ како процес кој придонесува кон надминување на конфликтите и споровите во регионот, како и актуелните предизвици и идните перспективи на патот кон Европската унија. Притоа, Министерот ќе се сретне и со раководството на Универзитетот во Грац.
За време на престојот во Грац, МНР Димитров ќе оствари работна средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната Влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, како и неформална дискусија со претставници од академската и бизнис заедницата. На средбите се очекува да се разменат мислења за европската интеграција на земјата, досегашните остварувања на планот на реформската агенда, како и можностите за продлабочување на академската и економската размена и соработка.