Андонова: Депонијата со линдан кај ОХИС ќе се чисти на есен

Сподели

За еден месец ќе се финализира тендерската документација, по што ќе биде објавен меѓународен конкурс на организацијата на Обединетите Нации – УНИДО, за избор на фирма и технологија за отстранување на депонираниот линдан од малата депонија во кругот на фабриката ОХИС која содржи околу 10 илјади тони од опасната хемикалија, соопшти Сузана Андонова, раководителка на Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПС) при Министерството за животна средина, на информативната работилница, која ја организираа заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД).

Според Андонова, до крајот на јуни би била позната компанијата која ќе го работи деконтаминирањето на малата локација и воедно изрази надеж дека овој процес ќе покаже дека одбраната технологија ќе може потоа да се примени и за чистење и на големата депонија на линдан, која се проценува на околу 35-40 илјади тони. Избраната фирма ќе има обврска и да ја покрие и соодветно заштити големата депонија.

„Не беше лесно да се мобилизираат средствата и луѓето за да започне овој процес на деконтаминација на жешката точка кај ОХИС,“ рече Андонова и додаде дека пари за деконтаминирање на малата депонија се веќе обезбедени, во висина од 3,1 милиони долари.

Според предвидувањата, помалку загадената почва би се третирала на лице место, додека пак одредено количество на контаминат би морал да се отстрани и би се транспортирал во странство, за унуштување во соодветни капацитети.

Андонова најави и скорешни измени во Законот за животна средина, во кој би се вметнале граничните вредности на загадување на почвата, воздухот и водите, неопходни за реализација на процес за деконтаминација и ремедијација каков што е овој на линданот на ОХИС.

„Познати се фактите дека линданот депониран во кругот на ОХИС со децении ги загадува граѓаните на Скопје преку воздух, како и преку загадување на почвата и подземните води, а со тоа се пренесува и на зеленчукот кој се одгледува и на тој начин се дистрибуира и пошироко. Нема направено истражувања како таа изложеност на оваа опасна хемикалија влијае врз здравјето на луѓето. Потребен е био-мониторинг бидејќи не знаеме како линданот влијае врз човековото здравје“, рече Светлана Пејовиќ од МЕД.