Министрите Филипче и Ксантос: Подобра соработка во областа на здравството

Сподели

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска во Владата на Република Северна Македонија оствари средба со грчкиот министер за здравство Андреас Ксантос, во рамки на официјалната посета на Премиерот на Република Грција Алексис Ципрас на нашата држава.

На средбата, двајцата министри разговараа за зајакнување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција во областа на здравствениот сектор преку поттикнување на обуки, научни програми и размени на Универзитетите, болниците и другите здравствени установи.

Областите од заеднички интерес за размена на знаења и за спроведување на проекти се:

– Мобилизирање на структурните фондови на Европската Унија, особено средства од Интеррег, за спроведување на прекугранични проекти во здравствениот сектор;
 Обезбедување експертиза во областа на менталното здравје (деинституционализација, служби за ментално здравје во заедницата, психосоцијална и професионална рехабилитација) и зависност од дрога (превенција, супституциона терапија, таканаречени “суви” програми и психосоцијална рехабилитација);
 Соработка во областите на заразните болести (особено на векторните болести) и прашања од јавното здравје, како и системот за Итна медицинска помош;
 Обезбедување на експертиза и техничка поддршка при обезбедување и менаџирање на крв наменета за трансфузија, вклучувајќи и серологија и молекуларно тестирање.

Со Република Грција досега имаме одлична соработка, која дополнително ќе ја унапредиме и зајакнеме со размена на искуства и знаења за да го зголемиме пристапот и квалитетот до услугите во здравството, како и да развиеме проекти особено за меѓуграничка соработка – изјави министерот Филипче по средбата со грчкиот министер за здравство Ксантос.