На бизнис-форумот на кој присуствуваа 400 стопанственици и компании од Северна Македонија и Грција беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу двете земји и се одржаа тет-а-тет средби помеѓу присутните компании.
„Преминуваме од состојба кога сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка кое допрва ќе треба сите заедно позитивно да го истражиме. Во рамки на мерките за градење доверба произлегоа инцијативи особено во делот на енергетиката што се веќе во напредна фаза. Имено, сакаме да се реализира проектот за изградба на гасен интерконектор помеѓу Грција и Република Северна Македонија, што би се проширил и до Србија и Романија, но и до Косово и би се поврзал со транс-адриатскиот гасовод“, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето пред бизнисмените од двете држави.
Тој додаде дека дополнително се разговарало за зголемување на соработката во железничкиот сообраќај, размена на електроенергија, реконструкција на коридори и поврзување на телекомуникацискиот и оптички кабел.
„Ние би сакале да видиме и поголема соработка и во областа на животната средина како и во здравството преку можности за медицински специјализации на наши кадри во Грција, за современи дијагностички методи и третман.Исто така, разговараме за средби на „старт ап“ (start-up) компании и претприемачи од двете земји и размена на искуства при развивање на старт ап екосистемите во двете држави“, додаде Заев.
Двете држави формираа Заедничкиот комитет за економски прашања под водство на вицепремиерите за економски прашања кои активно ќе работат сите овие и нови иницијативи да се случуваат час поскоро.
„За прв пат се одржа меѓувладината седница помеѓу двете држави каде меѓу другото, воспоставивме совет за соработка на високо ниво – што ќе значи одржување на меѓувладини седници еднаш годишно, развивме акциски план за интензивирање и збогатување на соработката во дипломатијата, одбраната, ЕУ, политиката, меѓународните односи, економија, енергетика, образованието, науката, културата, здравството и земјоделието, потпишавме договор за соработка во одбраната, потпишавме договор за отворање на нови гранични премини Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос, потпишавме меморандум за соработка за ЕУ прашања и транспорт“, рече Заев.
Со бизнис-форумот синоќа, заврши еднодневната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас и делегацијата од 70 бизнисмени.