Скопје осум години го чека проектот „Паркирај и вози“

Сподели

Иако бил вклучен како проект во 2011 година во првиот план за одржлив транспорт на Град Скопје, „Паркирај и вози“, концептот до денешен ден не е воведен во нашата метропола. Проектот со кој градовите од развиените земји го решаваат проблемот со сообраќајниот метеж во нивните центри не е изведен во изминативе 8 години од страна на градските власти.

Никола Крстаноски, професор по јавен градски транспорт на Техничкиот факултет од Битола, посочува дека со неговите колеги од факултетот го предложиле ваквиот проект за изградба на транспортни терминали на влезните точки во Скопје. Бесплатното паркирање на овие места би било надополнето со воведување на нови автобуски линии или велосипеди за изнајмување, со кои граѓаните од останатите градови би патувале до центарот на Скопје или останатите населби.

Професорот Крстаноски потенцира дека во 2012 година била изработена и студија на ИДОМ, која покажала дека во главниот град секој работен ден влегуваат околу 30.000 автомобили. Со овие дополнителни возила се зголемува сообраќајниот метеж и се појавува недостиг на паркинг места во градот.

– Прв услов за воведување на овој концепт е реорганизација на мрежата на линии на јавниот градски превоз и изградба на таквите транспортни терминали на периферни влезни точки во градот – посочува за „Мета“ професорот Никола Крстаноски.

Од Ј.П. „Градски паркинг“ велат дека проектот „Паркирај и вози“ сè уште не е одлучено на кое претпријатие ќе му биде доделен и за повеќе информации не испратија до Град Скопје.

Од Градот Скопје за „Мета“ посочуваат дека во заемот на ЕБОР за набавка на нови автобуси за ЈСП – Скопје е вклучена и изработката на студија за реструктурирање на мрежата на јавниот превоз. Воедно, со проект финансиран од ИПА 2 програмата е зацртано да се спроведе План за одржлива урбана мобилност за долгорочна визија за урбан транспорт, која би вклучила и политики за паркирање.

Проектот „Паркирај и вози“ за прв пат е воведен во Велика Британија во 60 – тите години од минатиот век. До денес, ваквата замисла е проширена во поголемите градови, со тоа што бесплатниот паркинг на влезот од градовите се комбинира не само со автобуски линии, туку и со железничките станици и со системи за изнајмување велосипеди.