ЦИВИЛ – Центар за слобода остро реагира по информацијата која пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен осуденик за воени злосторства, Јохан Тарчуловски, ја пласираше во јавноста за донацијата која ја направила неговата партија во црквата св. Никола во селото Љубанци.
Според информацијата што Тарчуловски ја сподели со јавноста, ВМРО-ДПМЕ на оваа црква ѝ ги донирала луксузните лустери од седиштето на партијата, чија изградба е поврзана со многу контроверзии, како и со кривични постапки.
Доколку оваа информација од пратеникот Тарчуловски е точна, ЦИВИЛ ги потсетува јавноста и институциите дека сиот движен и недвижен имот на ВМРО-ДПМНЕ е замрзнат со судска одлука, поради постоењето на два судски предмети кои се однесуваат токму на имотот на партијата.
Исто така, ЦИВИЛ нотира дека се работи за донација за време на изборна кампања, што е спротивно на законите.
ЦИВИЛ од надлежните институции бара да го разгледаат целиот случај и да констатираат дали партијата со оваа го прекршува Изборниот законик и низа други законски одредби. Потсетуваме дека должност на државата и нејзините институции е да ги заштити граѓаните од манипулации и злоупотреба, па во тој контекст, да ги заштити и од корупција и поткуп маскиран во хуманитарни акции!