Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница одби 8 од 9 приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, за прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупција.
За приговорот во однос на злоупотреба на имот во сопственост на Општина Шуто Оризари за одржување прес-конференција од страна на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, ДКСК побара дополнителни информации од локалната самоуправа за сопственоста на објектот. Претставниците на општината на седницата рекоа дека салата во која е одржана прес-конференцијата не е во сопственост на Општината.
Два од приговорите се однесуваат на распишаните јавни огласи од град Скопје за субвенционирање на велосипеди и клима уреди. Според опозициската партија јавните повици се објавени по распишување на изборите и се финансираат со буџетски средства со што е прекршен членот 8 од Изборниот законик.
Според градоначалникот на Град Скопје кој присуствуваше на денешната седница, субвенциите се објавени како дел од програмата за заштита на животната средина и дека досега не е исплатен ниту денар. Сепак, предметот не е затворен и Антикорупциска писмено ќе се побара од надлежниот јавен обвинител во рок од 30 дена да ја извести комисијата за преземените активности, од аспект на доброто управување.
Беа одбиени и приговорите за објавен оглас за вработување на 116 сезонски работници од страна на АД „Водостопанство“, за реконструкција на дел од ул. „Јуриј Гагарин“ во Општина Карпош. Истото се случи и со приговорот за доделување 150 пакети со храна и основни животни намирници на семејства со висок социјален ризик од страна на Општина Центар, што од администрацијата на општината рекоа дека се работи за заедничка активност со невладина организација, а средствата биле донација а не пари од општинскиот буџет. Одбиен е и приговорот за владиниот повик за финансиска поддршка на Здруженија и фондации за нивните програмски активности, во износ од 12 милиони денари. Образложението е и дека постапката е ставена во мирување до завршување на изборите.