Формирана е секција на сниматели во рамки на ЗНМ. Целта на формирањето на оваа секција е подобрување на условите за работа на снимателите, како и подобрување на соработката на снимателите со институциите. Во секцијата учествуваат професионални сниматели од сите телевизии од Македонија, вклучително и од Јавниот сервис.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски ја поздрави оваа иницијатива и рече дека безрезервно ќе ги поддржува снимателите во своите барања. „Со тоа што снимателите се обединија во секција на ЗНМ создаваме услови за подобрување на условите за нивната работа, заштита, насекаде на терен, во институциите или надвор од нив. Снимателите се додадена вредност и суштински елемент на новинарските истражувања и очекуваме преку оваа секција да влијаеме и за подобра тимска комуникација внатре во самите редакции, меѓу снимателите, новинарите, уредниците“, истакна Чадиковски.
На средбата беа донесени три заклучоци или насоки во кои ќе функционира секцијата на снимателите. Беше договорено да се изработи правилник за снимателите, но и за претставниците на институциите кои работат за протокол на тема професионално проследување на настани, локални и меѓународни практики и законски аспекти. Потоа беше договорено да се остварат средби со претставници на судовите, обвинителствата и министерствата, со цел да се подобрат условите за работа на снимателите. Снимателите побараа да се работи и на подобрување на соработката помеѓу снимателите и новинарите преку организација на заеднички настани за вмрежување и останати активности за градење на капацитетите.
Се разговараше и за проширување на секцијата во иднина и со други колеги сниматели, особено оние кои работат во внатрешноста преку вклученост на колегите од регионалните и локалните телевизии.
Во текот на вчерашната средба едногласно беше избрано и раководство на секцијата на снимателите. Славе Стојановски како претседавач, Трајче Илиевски и Зоран Догов го сочинуваат раководството кое беше избрано за да управува со активностите на оваа секција. Во раководството ќе влезат и по еден претставник на сите телевизии кои зрачат на државно ниво во земјата.
Неодамна во рамки на ЗНМ беше формирана и секцијата на спортски новинари, а во идниот период ЗНМ, како дел од заложбите од изборното собрание, ќе продолжи со формирање на слични секции, со цел олеснување на работата на различните групи новинари и медиумски работници – стои во соопштението на ЗНМ.