Донесени законите во областа на правосудството и човековите права-се чека спроведувањето

Сподели

Во изминатиот период беа донесени клучните реформски закони во областа на правосудството и човековите права, но останува да се видат резултатите од практичното спроведување на тие закони, што ќе бидат важни во пристапните преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 23.

Ова беше истакнато на денешниот дијалог за политика „Реформите во Поглавјето 23“ организиран во рамки на проектот „Мрежа 23 – Вмрежување за влијание (NETWIT 23)“, имеплементиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права. На денешниот настан беше презентиран четвртиот „Нацрт-извештај во сенка за Поглавјето 23 за периодот јуни 2018 – март 2019 година“.

Како една од поголемите забелешки беше истакнато тоа што уште не се знае какви мерки се преземени за да се санкционираат злоупотребите на АКМИС, системот за компјутерска распределба на предметите во судовите, со оглед на тоа дека комисија е формирана уште во декември 2017 година, но не се соопштени нејзините резултати.

– “Значајно е да се забележи дека допрва претстои имплементацијата на донесените закони, но имајќи ги предвид долгите дискусии за овие закони, треба да се напомене дека ова се закони што добија позитивни мислења од Венецијанската комисија и очекуваме дека ќе постават добра основа за поправање на одредени грешки што ги утврдивме во изминатите години, што беа детектирани и во извештајот на Рајнхард Прибе и експертската група “– потенцираше директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска.

Таа додаде дека овој извештај е сеопфатен за Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и темелните права. Кацарска истакна дека клучен реформски закон во делот на антикорупција беше Законот за борба против корупцијата, како и изборот на Антикорупциската комисија и начинот на нејзиниот избор.

– “Она што треба да го имаме предвид е дека тешко е на оние закони што се непотпишани од претседателот или се наоѓаат во собраниска процедура, да утврдиме досие на постигнување, и веројатно нашиот нареден извештај ќе се фокусира на досието на постигнувања и ефектите во овие закони, и институциите ќе мора да ги следат во наредниот период за да може да ги проценат нивните ефекти што е особено значајно во контекст на отворањето на преговорите и скринингот што тече во моментот” – додаде таа.

Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, истакна дека во извештајниот период беа донесени круцијални закони, како што е Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и законот за прекинување на бременост. Таа забележа дека иако овие закони не беа потпишани од претседателот на Северна Македонија, сепак се голем чекор напред кога станува збор за ранливите групи и особено за ЛГБТИ заедницата.

–” Останува да биде довршен и малолетничкиот затвор во тетовско. Тоа ќе биде од голема важност бидејќи во моментов малолетниците осуденици се наоѓаат во затворот во Охрид, каде што немаат можност за едукација, ниту пак за ресоцијализација, што е многу важно прашање” – рече Пировска и додаде дека се уште се забележуваат истите негативни феномени, во однос на казнено поправните и воспитно поправните установи, особено за здравствената заштита на осудениците.

Таа притоа како посебно важно го истакна тоа што во извештајниот период не бил отворен на новиот оддел на затворот Идризово, предвиден за околу 600 осуденици.