ЦИВИЛ и ЦИВИЛ Медиа го креваат гласот за одбрана на медиумските слободи

Сподели

ЦИВИЛ – Центар за слобода и ЦИВИЛ Медиа, како гласни застапници на слободата на изразувањето и медиумските слободи, на Светскиот ден на слободата на медиумите, уште еднаш го креваат гласот во заштита на слободата на информирање. ЦИВИЛ ги потсетува сите институции и општеството во целост, дека мораат да работат заедно, за таа слобода никогаш повеќе да не биде загрозена.

Како организација за човекови права, ЦИВИЛ секогаш е на страната на новинарките и новинарите и ги повикува да ја продолжат комуникацијата со организацијата и секој обид за притисок врз нив да го пријават. Медиумските работнички и работници не смеат да бидат попречувани во вршењето на својата работа! Тие не смеат да бидат предмет на вербални и физички напади и закани!

Оваа година, Светскиот ден на слобода на медиумите, 3 мај, Северна Македонија бележи значителен пад на бројот на напади врз новинар(к)ите, но, за жал, нападите и попречувањето на работата на новинарите и медиумските работници сѐ уште се реалност. Свеж пример е нападот на телевизиската екипа на ТВ 21 од страна на роднини на градоначалничката на општина Арачиново, Миликије Халими, додека тие снимале прилог за проблемите на граѓаните во општината. На денот на гласањето во првиот круг на претседателските избори, мониторингот на ЦИВИЛ бележи пет случаи на попречување на медиумските екипи да ја вршат својата работа и тоа од изборната администрација!

ЦИВИЛ бара итно спроведување на реформите во јавниот сервис (МРТ), измени и дополнувања во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Изборниот законик.

ЦИВИЛ бара од институциите да стават крај на неказнивоста за повредата на слободата на медиумите и правата на медиумските работнички и работници. Неказнивоста на кршењето на правата на новинарите и медиумските работници создава плодно тло за оние кои сакаат да ѝ застанат на патот на вистината и кои не бираат средства за да ја попречат нивната работа.  Државата е таа која мора да им обезбеди услови за професионално и непристрасно работење на медиумите.

Република Северна Македонија бележи скок од 14 места на последниот индекс на слобода на медиумите, според Репортери без граници и моментално се наоѓа на 95 место од вкупно 180 земји во светот. Но, прогресот не значи дека Владата, правосудните органи како и самите медиуми треба да застанат тука. Позицијата на ранг листата е далеку од задоволителна.

Мора да се создаде амбиент кој ќе биде поволен за работа на сите новинарки и новинари, односно на сите медиумски работнички и работници.

Долгогодишното сеење на страв вовлекувањето во криминални зделки, закани за отпуштања на новинари, лажните вести продуцирани и објавувани од најголемите медиумски куќи во служба на авторитарниот режим, манипулациите со јавноста и говорот на омразата, укажуваат на неминовноста од итно враќање на критичкото новинарство.

ЦИВИЛ ги повикува новинар(к)ите и медиумите да се обединат во заедничките заложби и во борбата за медиумски слободи и да придонесат кон креирање на демократско општество каде новинарството ќе биде пример за почит и заштита на човековите права и слободи.