Најмалку седум лица загинаа а дваесетина се водат како исчезнати откако туристички брод се судри со друг брод на Дунав, во близина на центарот на Будимпешта.
Унгарската полиција отвори истрага за причините за потонувањето на бродот во Дунав кој превезуваше туристи од Јужна Кореја, при што најмалку 7 лица загинаа, а дваесетина се водат за исчезнати.
Портпаролот на полицијата, Адриан Пал на денешната прес-конференција во Будимпешта изјави дека бродот потонал веднаш по судирот со друг поголем патнички брод покрај еден од мостовите на реката Дунав.
Спасувачки екипи се на местото на несреќата и покрај обилните врнежи од дожд, а Пал истакна дека можеби ќе бидат потребни неколку денови за да се подигне бродот од дното на реката.
Седум лица се спасени и хоспитализирани и се наоѓаат во стабилна состојба.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопшти дека туристите не носеле елеци за спасување.