МТСП: Успешно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Сподели

 

Денеска во Клубот на пратениците се одржа обука за недискриминација за Центрите за социјална работа. Целта на обуката е подетално запознавање на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, а во насока на ефективна имплементација на Законот.

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го  законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права. Со него се проширува заштитата од дискриминација со дополнување на основите со сексуалната ориентација и родов идентитет.

Министерката Царовска рече дека со донесувањето на Законот првиот чекор е направен, но дека следи најважното, имплементацијата! Во таа насока посочи: „Оваа обука е од исклучително значење бидејќи одговорноста за имплемнтацијата ја имате вие, Центрите за социјална работа затоа што ќе треба да се препознае дискриминацијата па дури и онаму каде што на прв поглед не е видлива, бидејќи внесувањето на двата нови основа за дискриминација, по род и сексуална ориентрација, се сензитивни и многу е важно социјалните работниците истите да ги препознаваат како основ за дискриминација”.

Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Дополнително, ја професионализира Комисијата и ја унапредува нејзината работа со проширување на надлежностите и соработката со други тела за еднаквост. Исто така, ја унапредува судската заштита и ги ослободува граѓаните од судски такси за постапки пред судот за заштита од дискриминација.

На иницијатива и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика Буџетот на Комисијата за заштита од дискриминација е зголемен од 6.652 милиони денари во 2018 на 15.138 милиони денари во 2019 година. Со ова, Комисијата ќе може успешно да ги спроведе надлежности предвидени со новиот Закон.

Денешната е една од низата обуки кои Министерството за труд и социјална политика ги организира за институциите во соработка со граѓанските организации и Националното координативно тело. Досега Министерството организираше обуки за сите Министерства и неколку инспекторати, за судиите и адвокатите и  за синдикатите, а од септември ќе бидат опфатени општините и други државни  институции.