Сведокот Трајковски во „Таргет-Тврдина“: Прислушуваа Мијалков и Грујевски

Сподели

 

Во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО со сослушување на сведокот Сашо Трајковски, вработен во УБК. Тој изјави дека во УБК се прислушувало незаконски и дека само еднаш видел судски налог.

Според него и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски имале компјутери кои биле поврзани со еден од системите за прислушување Најс.

„Постоеше група на корисници која се викаше „ВАЖНО“ каде имаше тројца корисници. Можевме да видиме дека се пристапува од канцелариите на директорот на УБК и началникот на Петтата управа“, рече Трајковски.

До системот за прислушување во УБК, „Најс“, можело да се пристaпува од неколку локации надвор од кругот на МВР.

– За „Најс“ системот знам дека имаше посебно одделение во некогашниот Аеро клуб спроти гимназијата Јосип Броз Тито во Центар каде по насоки на началникот Горан Грујевски беа инсталирани работни станици. Тоа е единствен случај за кој знам дека се пристспувсло надвор од кругот на Министерството. Дури во текот на 2016 година кога бев префрлен со канцеларија кај аеродромот во Петровец разбрав од колега дека имало стан кај железничка станица од каде се пристапувало и наводно кога колеги од МВР кои доаѓале таму го зафаќале паркингот па станарите се бунеле.”

И во просторија кај базенот во Аеродром биле инсталирани комјутери кои наводно служеле само за маркирање.

– Имаше и план наводно да се пристспува до системот за следење и од објект во Пештани, некогашната полициска станица, но не знам дали тоа се реализирало – рече сведокот Трајковски.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.