Денеска со презентација на нуркачка опрема и опрема за спасување на води и планини во Градскиот парк, општина Охрид ќе го одбележи Денот на Охридското Езеро – 21 јуни.
Денот на Охридското Езеро се одбележува од 21 јуни 2000 година со различни активности, најизменично секоја година во трите езерски градови – Охрид, Струга и Поградец.
Во рамки на одбележувањето ќе биде поставена и изложба на фотографии со мотиви од Охрид и охридскиот регион, а настанот ќе заврши со културно- уметничка програма и свечен завет за зачувување на Охридското Езеро.
***
Идниот месец во Баку, Комитетот за светско наследство ќе решава за статусот на Охридскиот регион, со предлог да се стави на листа на загрозено природно и културно наследство.
Сечење на трската, негрижа за рибниот фонд која води кон бавно но сигурно исчезнување на охридската пастрмка и белвица, спорни планови за жичница, железница и пат во заштитено подрачје, „медитерански“ плажи и палми за езерото да личи на море, несанкционирано истекување на фекалии во водата, градежни интервенции во природата непосредно до езерскиот брег, се само мал дел од големите „придонеси“ на човечката и институционална негрижа што ги доживеа македонскиот бисер – Охридското Езеро. Со години состојбата не се менува, и покрај бројните предупредувања за опасноста од загрозувањето на статусот на овој регион, кој од 1979 година е впишан во листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО.