МРТВ најостро ја демантира денешната-прес конференција на Управата за финансиска полиција за наводна злоупотреба на процедурата и проневера на средствата од земениот кредит во 2015 година.
„Во изминатиот период додека е овој менаџерски тим МРТ исклучиво работи согласно законите во државата. Впрочем тоа е констатирано во повеќе ревизорски извештаи од меѓународни ревизорски куќи и Државниот завод за ревизија.
Сакаме да ја известиме јавноста дека МРТ во 2012 година имаше наследено долгови во висина од 24.435.474 евра и беше на раб на затварање.
По превземените сериозни мерки на рационализација на трошоците, планот за штедење и други активности МРТ врати 13.000.000 евра стари долгови.
Сакаме да ја информираме македонската јавност дека на денешен ден МРТ ги има следните обврски:
- УЈП 2.616.181 евра долг од 2003 година до 2012 година
- АД Аеродроми на Македонија 3.151.286 евра долг од 2007 година
- Министерство за финансии (Париски и Лондонски клуб) 2.910.018 евра долг од 1983-1985 година
- ЈП Водовод и канализација 314.911 евра долг од 2006 до 2012 година
Од горе наведеното се гледа дека МРТ должи повеќе од 9.000.000 евра наследени долгови од минатотото, а некои постари и од 30 години.
Во овој момент МРТ тековно должи само 197.128 евра што преставува историско најниска задолженост од своето формирање до денес.
Нaпоменуваме дека МРТ има побарувања од УЈП за ненаплатена радиодифузна такса за повеќе од 33.000.000 евра и очекуван прилив од Министерството за информатичко општество во износ поголем од 3.400.000 евра.
Исто така укажуваме дека МРТ е јавнорадиодифузно претпријатие од особен интерес кое работи согласно посебен закон за Аудио и аудио визуелни медиумски услуги кој ја регулира работата на МРТ, а не согласно законот за Јавни претпријатија како што наведува Управата за финансиска полиција. Во законот за Аудиовизуелни медиумски услуги член 129 став 6 децидно стои дека Надзорниот одбор на МРТ дава согласност за склучување на договори и банкарски кредити кој ја надминуваат вредноста утврдена во Статутот на МРТ како и ставот 7 од истиот член каде децидно се наведува дека Надзорниот одбор дава согласност за оттуѓување и располагање со имотот на МРТ кој ја надминуваат вредноста утврдена со Статутот на МРТ. Од тука јасно е дека МРТ нема обврска да бара согласност од Собранието. Впрочем Директорт на МРТ е должен да ги спроведува одлуките на Програмскиот совет и Надзорниот одбор согласно законот и внатрешните акти на МРТ.
На крајот наведуваме дека пред 16 месеци МРТ имаше слична ваква иницијатива за поднесување на јавна кривична пријава која обвинителството ја отфрли како неосонована.
Се надеваме дека ќе имаме можност и во оваа постапка да докажеме дека МРТ ги нема прекршено законите“, пишува во реакцијата на МРТВ.