СЗО: Да не се оди на пат без примена вакцина на мали сипаници

Сподели

 

Во период од пет дена, во Македонија 13 нови пациенти заболеле од мали сипаници. Како што информираат во Институтот за јавно здравје, од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, петмина се од Скопје, а останатите осум се од пет други градови (Куманово, Гостивар, Кочани, Свети Николе и Велес). Сите се невакцинирани, непотполно вакцинирани или се со непознат вакцинален статус.

– Вкупниот број на случаи од декември лани досега, изнесува 1.844 болни. Најголем број на случаите се постари од 30 години. Вкупно 315 бебиња заболеле од морбили на возраст под една година, а 272 деца на возраст од една до четири години. Според вакциналниот статус, 1.477 или 80 отсто од сите заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 315 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно календарот за имунизација – информираат во Институтот.

Светската здравствена организација (СЗО) излезе со препораки кои се поврзани со патување, со цел да се спречи меѓународно ширење на мали сипаници.

– Сите патници треба да го проверат нивниот актуелен вакцинален статус и да се осигурат дека добиле две дози на вакцина која содржи компонента против мали сипаници. Патниците кои не се сигурни каков е нивниот вакцинален статус против мали сипаници треба да добијат најмалку една доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници.

СЗО препорачува патниците да се вакцинираат против мали сипаници најмалку 15 дена пред патувањето. Вакцината против сипаници може да се администрира истовремено со други вакцини препорачани за патници, како што е вакцината против жолта треска.

СЗО препорачува децата на возраст од 6 месеци да добијат дополнителна доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници, ако патуваат во земји каде што се регистрираат епидемии на мали сипаници. Децата на возраст меѓу шест и девет месеци кои примиле дополнителна доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници, исто така треба да добијат две дози на вакцина која содржи компонента против мали сипаници на препорачаната возраст, според националниот календар за имунизација на земјата.

Сите патници треба да побараат совет од својот матичен лекар и да бидат свесни за ризикот од изложеност на вирусот на мали сипаници, како и начините на пренос и симптомите на болеста. Вакцините кои содржат компонента против мали сипаници не се препорачуваат кај бремени жени – препорачува СЗО.