Уништени над 600 парчиња оружје по повод Меѓународниот ден за уништување на огненото оружје

Сподели

 

Денеска, по повод 9-ти  Јули – Меѓународниот ден за уништување на огненото оружје во погоните на Еуроникел индустри во Кавадарци, беа уништени оружје и наркотични дроги одземени по основ на правосилни судски одлуки, донесени по завршени кривични постапки, како и врз основ на  решениja за нивно ништење, донесени од  соодветните судови во државата.

 

 

Уништувањето на дрогата и оружјето беше реализирано со соработка меѓу Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за уништување на  наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата  за управување со недвижен имот. Согласно претходно утврдени законски процедури, огненото оружје и наркотичните дроги  претходно беа преземени од магацините на судовите и  складирани во магацините на МВР, согласно Планот за преземање на мерки и активности  за преземање, транспорт и складирање на огненото оружје и наркотички дроги.

 

 

„Станува збор за уништени повеќе од 600  парчиња оружје , од кои најголемиот дел се пиштоли -358, ловечки пушки – 142, автоматски пушки -32,   воздушни пушки – 54, еден ракетен фрлач и друго. Во поглед на уништени количини на дрога, станува збор за повеќе од 400  килограми наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, и тоа марихуана, хашиш, кокаин, хероин, амфетамини и друго. Сакам да се заблагодарам на раководството на Еуроникел индустри што изрази подготвеност и добра волја и без никаков надомест ни беше понудено заеднички да ја реализираме целата оваа активност“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани акции за заплена на нелегално оружје и дрога, за што постојано соодветно ја информираме јавноста. Во борбата со нелегалното оружје во 2018 година има зголемување на откривачката дејност во однос на 2017 година.  Во 2018 година беа откриени 187 дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје“, за што кривично се пријавени 205 сторители.

 

 

„Што се однесува пак до „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“, во 2018 година имаме 789 кривични дела, за што се пријавени 905 сторители и во овој сегмент имаме зголемување на откривачката дејност за 43 отсто. Во рамки на овие кривични дела запленети се над 1,5 тони дрога“, рече министерот Спасовски.