Статистичките податоци покажуваат дека традиционално во летниот период двојно се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а со тоа двојно се зголемува и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
Согласно тоа, РСБСП, АМСМ и СИЗ „Македонија Сообраќај – Америт“, се придружуваат на кампањата на МВР и заеднички најавуваат дека оваа лето безбедноста на сообраќајот на патиштата ќе биде врвен приоритет. Тоа значи дека во наредниот период ќе бидат реализирани голем број на сообраќајно едукативни активности, но ќе биде засилена и контролата и санкционирањето на неодговорните учесници во сообраќајот. Единствено со ваков пристап кон безбедноста на патниот сообраќај односно преку големиот број на едукативни кампањи и силна и интензивна контрола на учесниците во сообраќајот во 2018 година значително беше подобрена безбедноста на патниот сообраќај со што бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди беше сведен на најниско ниво во последните 5 години.
Безбедноста на сообраќајот на патиштата е наша заедничка цел и согласно тоа во наредниот период заеднички ќе реализираме повеќе едукативни акции за одговорно учество во сообраќајот. Убедени сме дека со заедничко, координирано, континуирано и силно дејствување на сите надлежни субјекти ќе успееме во нашата цел за помалку жртви и помалку повредени лица на патиштата – истакнуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Летната кампања е традиционална активност на РСБСП и партнерите. Целта на оваа кампања е подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата за време на летниот период во услови на висока температура и зголемена сообраќајна фрекфенција. Во рамките на кампањата ќе бидат реализирани голем број на активности за подигање на јавната свест за поголема безбдност на сообраќајот на патиштата преку зголемено почитување на сообраќајните правила и прописи, преку едуцирање и информирање на домашните и странските возачи за собраќајните правила и прописи, со посебен акцент за информирање на домашните и странските возачи за законските санкции кои произлегуваат од определени видови на сообраќајни прекршоци, како и едуцирање и информирање на сите учесници во сообраќајот за влијанието на високите температури на способноста за управување на возилото, неговата техничка исправност и нивното дејствување во насока на влошување на условите на патот. Посебен сегмент во оваа кампања ќе биде заморот и неговото влијание на способноста за управување на моторно возило.
Статистичките податоци покажуваат дека изминатата година во месеците јули и август 28 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди и наша цел е оваа година оваа црна статистика значително да ја намалиме – изјави Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, која уште еднаш апелира до возачите да бидат внимателни и одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол и да не ги потценуваат опасностите, ризикот и заканите кои ги носи брзото возење и заморот.
Сообраќајот ќе се одвива безбедно и непречено единствено доколку сите учесници во сообраќајот се максимално одговорни – потенцира Гордана Кожуваровска – Претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Животот дава само една можност, а сообраќајот не простува грешки, затоа бидете одговорни, почитувајте ги правилата за ограничување на брзината, не возете под дејство на алкохол, патувајте подготвени и одморени . Не го потценувајте ризикот и опасностите во сообраќајот затоа што тие ве следат во секој миг зад воланот.
РСБСП со апел: „ Тргни порано, вози побавно, стигни безбедно. Оваа лето, безбедноста на прво место!“ – Вози одговорно!