Лидерската средба нема да се одржи, нема услови за консензус

Сподели

 

Владата информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи.

„Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја. Претседателот на Владата Зоран Заев на 15 јули на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите  за членство во унијата. За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите“, велат од Влада.

Од таму додаваат дека „овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање“.

„Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел. Тоа укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема. Наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото и како клучно да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата со вградено СЈО за правда без селективност, која овие  денови добива силен подем, Мицкоски и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика“, се вели во соопштението.

За причините за одлагање на лидерската средба, како и за чекорите што се налагаат и ќе бидат преземени, Заев ќе информира на прес-конференција во 14 часот.