Претседателот на Владата Зоран Заев денеска одржа заедничка прес-конференција со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, кој престојува во еднодневна посета на нашата земја.
Обраќањето премиерот Заев на прес конференцијата, која се одржа веднаш после работната средбата со еврокомесарот Јоханес Хан и со неговата делегација, ви го пренесуваме во целост:
Утрово имавме работна средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување, со господинот Јоханес Хан, за кој без резерва можам да кажам дека е наш долгогодишен сопатник и искрен поддржувач на патот на нашите аспирации за членство во Европската Унија.
Ова е добра прилика и јавно да му изразам честитки за неговата номинација од страна на Владата на Австрија, уште еднаш, по трет пат, да биде предложен за уште еден мандат како комесар во Европската Комисија.
Неговата номинација беше консензуално одобрена од австрискиот парламент, бидејќо неговата работа даде резултати.
Без разлика кој ресор ќе го раководи господинот Хан, тој останува нашиот сигурен линк во процесот и убеден сум дека и понатаму ќе остане силен застапник на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Секако, тоа застапување не е без основа, бидејќи е поддржано од нашите остварувања во последните две години, од исполнувањето на нашите обврски, од испораката на досегашните реформи.
Комесарот Хан денеска е меѓу нас за да го означиме стартот на последната фаза до старт на преговорите. Нашите очи се фокусирани на октомври.
За време на утринскиот разговор со господинот Хан порачав дека во октомври очекуваме ЕУ да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавја за членство во ЕУ.
На тој начин ќе биде потврдена не само нашата желба и очекување, туку и она што е запишано во Извештајот на Европската комисија за оваа година дека Република Северна Македонија е блескав пример, како и запишаното во заклучокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, дека „поради ограниченото време и важноста на прашањето, Советот ќе се врати на прашањето, со јасна и суштинска одлука што е можно поскоро, но не подоцна од октомври 2019 година“.
Овие записи дојдоа пред сѐ поради зајакнувањето на добрососедските односи, но и поради исполнетите реформи, што лани беа побарани како услов за почеток на преговорите со ЕУ.
Се разбира, нам ни останува до октомври, со искрена и чесна посветеност да ги заокружиме реформските приоритети особено во завршницата на реформите на правосудниот систем со новиот Предлог Закон за Јавно обвинителство, за да се претставиме на есен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите.
Да бидеме одговорни и да не му дадеме никому аргумент да ја доведе во прашање оваа наша стратешка цел.
На еврокомесарот Хан му пренесов дека Владата, владината коалиција, никогаш нема да ги затвори портите за придонес на опозицијата во овој процес. Ниту досега сме го правеле тоа, ниту некогаш ќе го направиме кога се во прашање теми за кои е неопходна парламентарна поддршка. И дека тоа е заеднички и национален интерес.
Сѐ во интерес на земјата и на граѓаните.
Новиот текст на Предлог-законот што го предложивме е резултат на компромис и земени се предвид главните забелешки на опозицијата за СЈО.
Парламентот е сега местото каде што сите пратеници имаат можност да ја дефинираат финалната верзија и содржината на законот.
Во врска со актуелните настани во нашата земја, во тек е одлучна и бескомпромисна борба против организираниот криминал и високата корупција.
Таа борба ја води независно јавно обвинителство и другите институции во системот за истрага и поддршка. Тоа е резултат на ослободување на сите сегменти од правосудството од прегратките на остатоците од претходната власт.
Никој не е привилегиран, никој нема да биде амнестиран. Сите се еднакви пред правдата и затоа и понатаму го охрабруваме Јавното Обвинителство да ја продолжи постапката во случајот „Рекет“, без разлика до кого ќе стигне.
Северна Македонија се докажува и покажува на дело како правна држава, како земја во која владее правото.
Тоа им го должиме на граѓаните, и тоа им го испорачуваме и така личи во пресрет на развојот на настаните во октомври за кои сум убеден дека ќе се одвиваат во позитивна насока, и конечно, после 15 години, Република Северна Македонија ќе добие покана за почеток на преговорите.