Расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење гранки и косење трева, пополнување ударни дупки и засилени инспекциски контроли – овие активности ќе ги опфати големата акција за чистење и уредување на јавните градски површини која ќе се одвива утре и задутре, а ќе ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и скопските општини. Во текот на утрешниот ден акцијата ќе се одвива во општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар и Кисела Вода, а во сабота ќе се работи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.
– Во оваа акција ќе се вклучат сите технички и човечки потенцијали во јавните градски претпријатија, помогнати од градската администрација и општините. Ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани да живеат во почист и поубав град да се приклучат на оваа масовна акција – рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција, на која ја најави акцијата за расчистување.
Тој нагласи дека по оваа акција за чистење ќе следува засилен инспекциски надзор и од градот и од општините, со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места.
– Повикувам граѓаните да се придржуваат кон начинот и редот на фрлање на
отпадот. Ние работиме на концепт кој во текот на август ќе го понудиме на
граѓаните – на 3 до 5 локации во точно определени денови во нивните општини, значи на повеќе од 50 локации во нашиот град, граѓаните ќе може слободно и бесплатно да го остават кабастиот отпад. Сите треба да внимаваме каде го фрламе отпадот за нашиот град да стане и почист и поубав – рече Шилегов.
На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на повеќето скопски општини, како и директорите на скопските јавни претпријатија.