Знак за доверба „ФЕР КОН ПОТРОШУВАЧОТ“ добија 45 компании

Сподели

Колективно потпишан кодекс за фер однос кон потрошувачите

Денес во Скопје на 45 компании свечено им се додели сертификат „Фер  со потрошувачот“. Овој знак за доверба им потврдува на потрошувачите дека компанијата има добри практики за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, користи фер пазарни практики, применуваа спогодбено решавање поплаки и спорови, ја штити приватноста на потрошувачите и се грижи за влијанието на производите врз животната средина.

 

 

При доделувањето, сертифицираните компании колективно потпишаа Кодекс за фер однос кон потрошувачите, со кој доброволно се обврзаа на повисоки стандарди за почитување и унапредување на правата на потрошувачите и заштита на животната средина.

Сертификацијата се прави врз основа на проверка на исполнетоста на 25 критериуми, а беше финансирана од Европската унија во рамки на проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор“.

Идејата за воведување на ваков сертификат произлезе од три граѓански организации: Организација на потрошувачите на Македонија, Асоцијацијата Зенит и Здружението на бизниси и консултанти „Креација“.

 

 

На настанот, Министерот за економија, г. Кресник Бектеши, наведе дека Министерството преку Програмата за конкурентност иновации и претприемништво, ги поддржува малите и средни претпријатија за воведување на сертификатот „Фер со потрошувачот“ со покривање на 50% од трошоците за сертификација.

“Денес завршуваме еден циклус на сертификација и почнуваме нов, во кој и други компании ќе ни се придружат заеднички да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи преку примена на фер практики!“ – истакна Претседателката на Организацијата на потрошувачите, г-ѓа Маријана Лончар Велкова.

 

„Доколку наидат на проблем со некоја од сертифицираните компании, потрошувачите можат на едноставен начин да го пријават на fersopotrosuvacot.mk, по што компанијата во краток рок спогодбено ќе ја реши поплаката.“ – додаде Александар Николов, директор на Асоцијацијата Зенит. Сертификацијата е услуга што ја даваат 14 граѓански организации. Според Претседателот на здружението „Креација“, Ристо Иванов, со сертификацијата е создаден нов извор за финансирање на граѓанското општество, кое на овој начин ја јакне соработката со бизнис заедницата во заедничко креирање позитивни општествени промени.