Управниот одбор на ЈП „Охридски Комуналец“ на седница донесе одлука да бидат раскинати договорите со компанијата “НИФИ ИК” на Нефи Усеини, советникот од ДУИ во Советот на Општина Охрид. Како причина е наведен судир на интереси.
Одлуката уследи по препорака на Државната комисија за спречување корупција и мислењето кое таа го испрати до Општина Охрид, дека општината не може да влегува во деловни односи со фирма каде како сопственик се наоѓа член на Советот или е во сопственост на негови блиски лица. Антикорупциска вчера отвори и предмет за дивоизградената пицерија на Усеини кај Чинарот.
Со фирмата НИФИ ИК, ЈП „Охридски Комуналец“ имал склучено вкупно три договори.
-Едниот е за набавка на градежни материјали, другиот за одржување на депонијата Буково и третиот кој не е уште почнат со реализација, е за користење на возило со кран дигалка за сечење на опасни дрва – вели директорот на „Охридски Комуналец“ , Љупчо Грданоски.
Според Грданоски, најпроблематично за ЈП е поништувањето на договорот за одржување на депонијата Буково, вреден околу 47.000 евра.
-За нас најголем проблем претставува тендерот за одржување на депонијата Буково бидејќи се наоѓаме во шпицот на сезоната, кога е потребно секојдневно одржување на самата депонија , рамнење на отпадот кој се одлага и во периодот кој сели се надеваме дека со нашата механизација која ја поседуваме ќе успееме барем дел од отпадот кој го носиме да го санираме, да ја одржуваме депонијата се до изборот на нова фирма – објаснува директорот на „Охридски Комуналец“.
Веднаш ќе се пристапи кон започнување на нова тендерска постапка, која ќе трае најмалку месец и пол, вели Грданоски.
Инаку, Антикорупциската комисија вчера отвори предмет за дивоградбата кај Чинарот, терасата на угостителски објект на советникот од ДУИ. Од Антикорупциска информираа дека предметот се разгледува и дека штом се заврши, заклучокот од предметот ќе ѝ биде доставен на Општината.
Освен тоа што е во делокругот на Антикорупциската комисија, Усеини е предмет на интерес и на МВР, под сомнение дека на 29 јули го нападнал професорот Илјаз Илјази, поради спор околу незаконско приклучување на водоводната мрежа.
Во јуни, пак, Советот на Општина Охрид ја прекина својата 28. седница поради тоа што Усеини физички го нападнал својот колега од БЕСА Џемаил Мена.