Со стари написи се шират дезинформации во Грција, Словенија и Македонија

Сподели

 

Минатиот месец се појави нов тренд на ширење дезинформации на интернет сферата во Македонија: социјалните медиуми беа преплавени со линкови до написи стари една година промовирани преку реклами на Фејсбук и десничарски Фејсбук групи.

Дел од овие написи првично биле објавени истиот месец, но пред една година. Ова може да упатува на обид да се доведат во заблуда читателите, кои можеби ќе го погледнат датумот, но не и годината на објавување и ќе помислат дека „вестите“ се актуелни.

Пример за ова е прекуграничната дезинформација што доаѓа од Словенија од јули 2018, во која се тврди дека премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас добиле милијарди евра мито за да го склучат Преспанскиот договор еден месец претходно.

Ова тврдење не беше потврдено во текот на целата следна година.

Меѓутоа, првичното проширување на оваа дезинформација преку границите на балканските држави открива комплексна мрежа на актери во повеќе држави. Случајот беше анализиран во проектот Со критичко мислење до граѓани со медиумска успешност – КриТинк како пример за тековни медиумски манипулации.

Медиуми во Словенија што се во унгарска сопственост ги изобличуваат вестите од Грција за да создадат одредено тврдење

Изворот на лажното тврдење е напис објавен од словенскиот веб портал „Демокрација.си“, а потоа, за кратко, објавен повторно од „Nova24TV“. Двата медиуми се дел од медиумска мрежа што добивала средства од унгарската престолнина преку пријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Нивната уредничка политика е тесно поврзана со ставовите на десничарската популистичка Словенска демократска партија предводена од Јанез Јанша, сојузник на Орбан во рамки на Европската народна партија.

Написот во „Демокрација.си“ од 9 јули 2018 година, насловен „Така работи левицата: Заев ги продаде македонците за 30 милијарди евра“, се состои од две реченици со кои се тврди дека грчкиот весник „Прото тема“ објавил дека двата премиери биле поткупени од ЕУ за да го забрзаат договорот за спорот кој траеше 27 години. На начин кој упатува на искажување  мислење и со употреба на пристрасен јазик, порталот ги обвинува „двајцата цврсти левичари“ дека земале мито – 30 милијарди евра за Заев и „веројатно“ еден трилион за Ципрас.

Меѓутоа, ваков напис не постои на веб-страната на „Прото тема“. Овој популарен, десничарски наклонет весник има добра репутација во професионалните новинарски кругови и нема докази дека кој било друг медиум, грчки или странски, го цитирал директно за поткупот на двајца политичари.

Доказите упатуваат дека името на „Прото тема“ било искористено за да се додаде  кредибилитет на измислицата создадена преку изобличување на  вест од 6 јули 2018 година каде се пренесува изјава на грчкиот пратеник Димитрис Каменос. Тој вели дека како мотив за склучување на Преспанскиот договор, овозможувајќи консолидација на ЕУ и НАТО, двете земји соодветно ќе добијат 30 милијарди (Северна Македонија) и „пропорционално“ еден трилион (Грција) во вредност од „проекти и инвестиции“ во следните години.

Медиумската манипулација вклучувала погрешно претставување на очекуваното пристапување во ЕУ и на други фондови за развој што наводно биле за целите земји како лично мито за премиерите.

Пропаганда финансирана од Унгарија продолжува да го поттикнува недокажаното тврдење во Северна Македонија

Првиот портал во Северна Македонија што го искористи словенечкиот напис за да го обвини премиерот Зоран Заев за предавство беше порталот „Јавно.мк“. Тие од збор до збор ја преведоа статијата на „Демокрација.си“ и додадоа неприкладна слика од Заев. Овој напис беше цитиран како извор од низа десничарски медиуми и социјални мрежи во јули 2018 година и една година подоцна – јули 2019.

Меѓународното истражување „Од онлајн битка до губење на надеж? Перцепциите и навиките на младите во осум европски земји“ го идентификува „Јавно.мк“ како пример за „веб-страница за дезинформации“ „присутна во македонскиот интернет простор“ (стр.16). Веб-страницата „Јавно.мк“ нема одобрение и нејзините сопственици не се јавно откриени.

Написот на „Јавно.мк“ постојано се цитираше во голем број медиуми во Македонија кои се сметаат за глас на десничарската популистичка партија ВМРО-ДПМНЕ, како што се „Република“ и „Express.mk“. Написот на „Република“ е отстранет, но трага за неговото објавување останува на агрегаторот „Daily.mk“.

Во мај 2018 година, медиумите што се занимаваат со истражувачко новинарство БИРН и  ОЦЦРП открија дека унгарските сопственици на словенечките веб-страници што шират десничарска публицистичка пропаганда, во периодот кога инвестирале во Словенија исто така постепено ја откупиле „Република“ и уште неколку слични медиуми во  Македонија.

Една година подоцна: нов бран на промовирање дезинформации преку употреба на реклами и групи на Фејсбук

Анализата на „КриТинк.мк“ истакна дека не постои никаква причина, од гледна точка на стандардите за истражувачко новинарство како што е вредноста на веста, да се обновуваат лажни вести стари повеќе од една година. Преку анализата се дознава дека линкот е споделен преку неколку групи на Фејсбук без да биде напоменато дека станува збор за стара вест.

„Објавите во овие групи со неколку илјади членови, имаат голем број лајкови, коментари, а дури и се многу почесто споделувани. Голем дел од коментарите се негативни и вклучуваат навреди и говор на омраза“.

Во овие групи насловени како Здраво Македонијо, Македонски национални интересии ГОРДОСТ Е ДА СИ МАКЕДОНЕЦ, вообичаено има содржини против моменталната власт, објави што ги поддржуваат ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и објави што поттикнуваат национализам, лажни тврдења и сензационализам.

Покрај големиот број на Фејсбук корисници кои го споделија линкот преку нивните лични профили, барем еден медиум, „Media24.mk“, стана дел оф кампањата за „рециклирање“ на неоснованото тврдење, објавувајќи идентична копија од минатогодишната објава во „Јавно.мк“ на 14 јули 2019 година. Оваа веб страна нема одобрение и нејзините сопственици не се јавно познати.

Други интернет медиуми со слични политички погледи го зголемија своето присуство на Фејсбук преку употреба на платени реклами. Воедно го пополнија просторот со линкови до стари написи за време на „сушата“, односно додека траат летните одмори.

Целокупниот ефект на овој пристап е одржување на високите тензии меѓу населението кое е подложно на популистичка пропаганда. Со ова најпрво се зголемува омразата кон лицата што веќе се плашат од најлошото од страна на назначените политички непријатели, што пак влијае врз сите други членови на јавноста.

meta.mk