Промоција на антологии: Поети и раскажувачи академици од Македонија и Косово

Сподели

 

Утре вечер, во Куќата Уранија – МАНУ, во Охрид, во рамките на Научната и уметничка визита Охрид 2019, ќе биде извршена свечената промоција на две книги од проектот: Поети и раскажувачи академици.

Како дел од активностите на МАНУ во меѓународната соработка, беа подготвени и објавени: Антологија на pоети и раскажувачи на Академијата на науките и уметностите на Косово (издание на Македонската академија на науките и уметностите) и Поети академици. Антологија на поети членови на Македонската академија на науките и уметностите (издание на Академијата на науките и уметностите на Косово).

МАНУ развива плодна научна и уметничка размена со академиите на соседните земји. Најповеќе со Бугарската академија на науките, со неколку десетици заеднички проекти. Веќе се реализирани Денови на албанската академија во Скопје, а реципрочниот одговор, во обратна насока, планиран е за напролет.

Исто така, се реализира  заеднички проект: MАНУ да подготви книга за Наим Фрешери, а колегите од Тирана, превод на “Историјата на македонскиот народ”, на албански. МАНУ, веќе  ја реализираше превземената обврска, а покојниот академик Катарџиев, напиша поговор.

На последната средба  на претставници на двете академии во Охрид, беше договорено, Албанската академија да ја интензивира работата по што ќе следи заедничка промоција.

Босанската академија, во Скопје, веќе имаше “Изложба на сликари академици”, додека во октомври, следи возвратен чин во Сараево.

Веле Митаноски