Како градот ќе се бори против топлотните острови

Сподели

 

Скопјани глобалните климатски промени веќе извесно време ги чувствуваат како влошување на климатските услови во градот, соочувајќи се со феноменот наречен „урбани топлотни острови“.

Топлотните острови се феномен создаден на обеззеленетите површини во градот на кои има голем процент на покриеност со бетонски градби или асфалт, а кои, според своите својства апсорбираат и испуштаат многу повеќе топлина од сонцето од затревените површини или површините покриени со дрвја и друго зеленило.

Урбанизацијата на потесното градско подрачје, посебно изградбата на објектите од контроверзниот проект „Скопје 2014“ узурпираше големи површини кои претходно биле зеленило. Состојбата да биде уште полоша, токму во тие делови од градот дополнителна топлина создаваат густо поставените клима-уреди, како и возилата.

Град Скопје на почетокот на годинава промовираше Студија за УТО на територијата на главниот град, која содржи и акциски план, но температурите на градскиот асфалт летово, кои се и по десетина степени над просечната температура на воздухот, покажуваат дека ништо не е направено овој феномен да се ублажи.

Студијата се темели на термална карта на Скопје изработена во 2018 година со снимање од воздух, и таа научно ги потврдува фактите кои жителите на главниот град со години го чувствуваат на сопствената кожа – како на пример дека температурата на воздухот во центарот на Скопје и на периферијата каде има повеќе зеленило во лето можат да се разликуваат и до 7 Целзиусови степени, при што центарот на градот е секогаш потопол, како и дека централното градско подрачје е и до 12 степени потопло од падините на Водно!

Разлики во температурите во просечна летна ноќ во СкопјеИсто така, температура на просторот непосредно во близина на реката Вардар е секогаш за неколку степени пониска од онаа во другите делови на градот. Студијата покажа дека објектите во центарот, како на пример зградите на Градски Ѕид се за 1,5 до 2 Целзиусови степени потопли од, да речеме, зграда во Кисела Вода. Интересен феномен кој го покажа оваа студија е дека температура на белите плочки на главниот скопски плоштад е 6 Целзиусови степени пониска од температурата на асфалтот на улицата Максим Горки која е само неколку десетици метри оддалечена од Плоштадот. Оваа студија покажала дека на создавањето на урбаните термални острови, освен недостигот на зеленило влијае и бојата на површините на објектите и на улиците, густината на паркираните возила и слично.

Студијата за термалните острови во Скопје содржи конкретни предлози, инспирирани од искуства на многу светски метрополи,како системско садење на зеленило, дрвја, зелени покриви на згради за домување и на јавни објекти, како на пример покриви на паркинзи, вертикални градини, користење на рефлектирачки бои и материјали кои враќаат дел од топлината назад и слично.

Според Секторот за животна средина на Град Скопје, Градот сепак презема конкретни мерки од Акцискиот план за справување со топлотните острови, и во нив го набројуваат подигнатиот парк Ибни Пајко кај Филхармонијата и активности во тек како изведба на зелен покрив на ГТЦ, ново зеленило пред Олимписки базен, изведба на прва урбана градина во соработка со НВО „Зелената арка“, во Општина Аеродром.

Плановите за оформување на пешачка зона во центарот на Скопје, исто така Градот ја најавува како мерка за справување со термалните острови.

„Потпишан е договор со фирмата Gehl од Копенхаген, Данска, за подготовка на стратешки плански документ за редизајн на јавните простори во централното градско подрачје на град Скопје, при што ќе се имплементираат конкретните мерки за малиот ринг“, информираат, исто така, од Град Скопје.

Во тек е потпишување на договори за соработка помеѓу Град Скопје и сите 10 општини во градот за соработка во областа на подобрување на зеленилото во надлежност на општините кое ќе се реализира во есенскиот период, а се планира и конверзија на еден постоечки јавен паркинг во надлежност на Градски паркинг во зелен паркинг.

meta.mk