Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара претседателот на Собранието Талат Џафери да свика итна седница со единствена точка на дневен ред, разрешување на осомничената специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Согласно член 67 став (2) и член 68 став (2) од Деловникот на Собранието, по барање на 20 пратеници господинот Талат Џафери треба да свика итна седница на која на дневен ред ќе биде разрешувањето на Катица Јанева и тоа инсистираме да биде денес, а не како што најави Талат Џафери за два или три дена, туку денес веднаш да биде свикана итна седница, за да има време Советот на јавни обвинители да го разгледа предлогот и да ја разреши Kатица Jанева – изјави денеска на прес конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
“СДСМ застана во одбрана на криминалот на Катица Јанева.
Пратениците под контрола на Зоран Заев одбија да дискутираат за нејзино разрешување иако таа скоро цел месец е во притвор.
Тоа е јасен доказ дека Јанева е под команда на Зоран Заев.
Станува се поочигледна нивната поврзаност во изнудата на пари и политичките притисоци преку злоупотреба на законот и овластувањата на СЈО.
Јасно е како бел ден дека Катица Јанева беше и остана неговата црвена линија.
Заев и СДСМ се во коалиција со криминалот. Заев и СДСМ го штитат и промовираат криминалот. Заев и СДСМ сакаат да обезбедат амнестија на криминалот.
Заев се плаши затоа што знае дека тој е лицето кое се крие зад целиот криминален систем.
Самиот факт што на Катица Јанева и беше оставено простор да делува на слобода додека Боки 13 и Зоки Кичеец беа во притвор говори многу за намерите на власта.
Катица Јанева е бела мечка за Зоран Заев и таа не можела да прави рекет во период од цела година без знаење на врвот на власта. Премногу е очигледно од каде стигнувале командите кон Јанева.
Зошто се молчело и институциите не реагирале може да покаже само независна и професионална истрага.
Со Зоран Заев на власт ефективна правна разрешница не е можна, затоа што тој е заштитник на криминалот и промотор на рекетот.
Потребна е истрага, а не пародија во која што притворената ќе му издава наредби на тој што ја притворил.
Потребно е независно обвинителство растоварено од притисоци и влијанија.
Дополнително потребни се предвремени парламентарни избори за пад на оваа ненародна власт” – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.