Промоција книга Анамнезис: Дијалози за уметноста во јавен простор

Сподели

 

Анамнезис: Дијалози за уметноста во јавен простор – Сандра Ускоковиќ
18.09.2019/среда, 12:00 / галерија на МКЦ

Книгата „Анамнезис: Дијалози за уметноста во јавен простор“ е критичко истражување на културата на просторот и економската експлоатација на јавните простори со цел да се покаже широкиот распон на современите уметники практики што им овозможуваат на граѓаните да бидат кокреатори на јавните простори. Со неколку илустрации во книгата, современата уметност во јавни простори воведува феноменолошко концептуално размислување за колективната култура и нејзината афирмација во урбаниот живот.

Во книгата се обработуваат културни пракси и уметнички дела на уметници и уметнички колективи, кои воспоставуваат нови модели на активно учество во создавањето и менувањето, како на урбаната култура, така и на самиот урбан, т.е. јавен простор. Во книгата се претставени автори од хрватската уметничка сцена активна изминатите 40-тина години и тоа: Том Готовац, Сања Ивековиќ, Кугла Глумишта, Едит Шуберт, Зоран Павелиќ, Сандра Стерле, Славен Тољ, Игор Грубиќ, Златко Копљара, Петар Гримани, Боже Јурјевиќ, Синиша Лабровиќ, Ивана Јелавиќ, Тое Савиќ Гецан, Никол Хјуит, Наташа Лушетиќ, Станка Јузбашица, Александра Ацева, Еле Аготиќ, Александра Баришиќ, Борис Бакал и „Фрлачи на сенки“.

Во поглед на теоретската анализа на јавниот простор и неговата трансформација во глобалниот капитализам во ЕУ, како и во регионот на Балканот, темата на оваа книга е актуелна и важна за градот Скопје чии јавни простори беа намалени или беа неблагородно трансформирани во последните декади.

Настанот е поддржан од Интернационалниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ), во соработка со организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“, во рамки на програмата „Кога зградите би зборувале“, поддржана од годишната програма за култура на Град Скопје.

Сандра Ускоковиќ е родена во Дубровник 1971 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб – Отсек за историја на уметноста. Работела како стипендист во ICCROM, Рим (2003) и УНЕСКО, Париз (2005-2006). Магистрирала на Универзитетот Џорџ Вашингтон (2004). Докторирала во 2010 година на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот уметност и реставрација. Ги објавила книгите: „Модерната архитектура на Дубровник како културно наследство“, „Современата архитектура во историски амбиент“, „Ловро Перковиќ: Естетика на просторот и сензибилитет на контекстот“ и „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавни простори“.