Јовески ги враќа обвинителите на СЈО во судница

Сподели

“Борбата за правда продолжува” – изјави вчера Фатиме Фетаи. Со овластување на државниот јавен обвинител Јовески,  обвинителката Ленче Ристоска ќе го застапува предметот на СЈО „Талир 2“ пред Кривичен суд.

Наместо укинување на притворот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена во случајот „Рекет“, како што побара нејзината одбрана, Кривичниот суд вчера на предлог на Обвинителството ѝ го продолжи за уште 30 дена. Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, почна и со делегирањето на предметите и враќањето на обвинителите на СЈО во судница, јавува МИА.

Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска, завчера до Судот поднесе барање за укинување на мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка велејќи дека се отпаднати основите за определување мерка притвор со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија.

-Целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија, изјави Фрчковска за МИА.

Исто како и Јанева, која е во притвор од 21 август, Судот им определи нови 30 дена притвор и на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец за случајот „Рекет“.

Но, и покрај тоа што првиот човек на СЈО е во притвор, продолжува судењето за предметите на СЈО пред Кривичниот суд.

Државниот јавен обвинител Јовески почна да ги враќа обвинителите на СЈО во судница. По негово овластување, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубески кои продолжуваат да го застапуваат предметот „Монструм“, а на обвинителката Ленче Ристоска ѝ го делегираше предметот „Талир 2“.

Обвинителката Фатиме Фетаи вчера на влегување во Кривичниот суд, каде што се одржа ново рочиште за „Монструм“, кажа дека борбата за правда продолжува.

Со овластување на државниот јавен обвинител Јовески,  обвинителката Ленче Ристоска ќе го застапува предметот на СЈО „Талир 2“ пред Кривичен суд.

Судење за „Талир 2“ е закажано за денеска. Претходното судско рочиште за овој предмет не беше одржано поради отсуство на адвокатите на обвинетите.

Во случајот „Талир 2“  обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се случило наспроти фактот што правното лице, во времето на обезбедување на услугата, имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

МИА