Државниот врв, институции, политички партии, невладини и експерти ќе говорат на големата конференција на ЦИВИЛ за изборни реформи

Сподели

 

Точно 32 говорнички и говорници се потврдени на Конференцијата за изборни реформи: Перспективи на македонските избори, а бројот на пријави за присуство расте постојано, информираат од Тимот за комуникации на ЦИВИЛ. Конференцијата ќе ја отворат Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих.

Во името на Владата, со оглед на тоа дека истовремено ќе учествува на заседанието на ОН, со видео порака ќе се обрати премиерот Зоран Заев. Рената Дескоска од СДСМ, Министерка за правда, ќе говори за реформските чекори во сферата на изборниот систем. По неа говорат Дамјан Манчевски од СДСМ, Министер за информатичко општество и администрација и Горан Милевски од ЛДП, Министер за локална самоуправа. Во името на повеќе политички партии, ќе говорат нивните лидери или високи претставнички и претставници, како што се Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, ДОМ, НСДП, ПЦЕР, ГДУ, Демократи и други. Меѓу парламентарните партии од кои нема ни позитивен ни негативен одговор за учество се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Сметаме дека е важно целокупната јавност да се вклучи во реформите на изборниот систем. Упатуваме јавен повик до ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и другите политички партии да одговорат на поканата, макар и негативно“ – Изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој ќе биде и модератор на настанот.

ЦИВИЛ покани релевантни експерти и претставници на граѓанското општество и меѓународната заедница. Меѓу говорниците се и Александар Кржаловски, МЦМС, Дарко Алексов, МОСТ, Александар Новакоски, експерт за изборни процеси, Катица Николовска од ДКСК, како и универзитетските професорки и професори Неда Малеска Сачмароска, Јасна Бачовска, Владо Бучковски, Мерсел Биљали и други. За одбележување е и интересот на неколку градоначалници да учествуваат на Конференцијата, како и луѓе од неформални и формални граѓански иницијативи.

Конференцијата ќе се одржи во Скопје, хотел Континентал (Кристална сала), на 25 септември со почеток во 12 часот. Од ЦИВИЛ нагласуваат дека на конференцијата се поканети лидерите на политичките партии без оглед на тоа дали се работи за голема или мала политичка партија, дали е застапена во сегашниот состав на Собранието или е вонпарламентарна. „За нас нема големи или мали, за нас сите се подеднакво важни“ – велат од ЦИВИЛ.

На Конференцијата ќе се говори за потребата од реформи во изборниот систем во целост, а поконкретно ќе се отворат темите за Изборниот законик, изборниот модел, Избирачкиот список, политичкото финансирање и медиумите и изборите. Учесничките и учесниците на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговори на прашањата дали, како и во кој временски рок се возможни реформи во изборниот систем.

Според Агендата, по отворањето и презентацијата, ќе говорат високите претставнички и претставници на политичките партии и на Владата, по што следи кратка пауза. Во продолжение на агендата се невладините организации, експертите, граѓанските иницијативи, а во последниот сегмент од агендата е обезбедено време и за дискусија од сите присутни учесници. Присуството е возможно преку пополнување апликација или врз основа на директна покана од ЦИВИЛ.