Со посетите на руралните места најдобро можете да ја почуствувате и да ја разберете традицијата на еден народ, но и да ги согледате неговите навики и однесување. Се разбира во тие урбани места има и многу туристи. Насекаде гледате многу народ, исполнети ресторани, кафулиња, продавници…И не ретко може да се видат и многу отпадоци, кои ревносно се отстрануваат и се носат во одредени депонии. Количината и видот на отпадот што се одлага во депониите е поголем доколку повеќе има промет во дуќаните и во рестораните. Според проценките направени за Североисточниот и Источниот регион на земјава, ние во просек по глава на жител создаваме од 1 кг. до 1.5 кг. отпад дневно, за разлика, на пример, од Белгија, која создава дури и над 4.5 кг. отпад дневно по жител, но таму тој редовно се отстранува, а дел од него и се рециклира.
Што треба ние да направиме за да почнеме да се менуваме во однос на ова прашање? Дали ова што ни се случува: расфрлан смет, загаден воздух, загадена вода и почва и слично, е резултат на домашно воспитување или, пак, треба да си признаеме дека на сите нас, независно од возраста, ни треба еколошка едукација. Сметам дека во наставните планови во образованието на сите нивоа треба да се воведе задолжителен предемет- Заштита на човековата околина и грижа за здрава животна средина. Таквата едукација би имала поголем ефект, отколку казните што се спроведуваат во однос на загадувањето на природата.
Во Македонија имаме природни убавини, вековни културни традиции, здрава храна, гостопримлив народ и не попусто некои странци велат дека сме рајска градина. Има една анегдота која вели дека кога Господ им подарувал земја на народите, ги заборавил Македонците, кои со чудење отишле да го прашаат зошто само тие не добиле своја земја. На тоа прашање Господ им одговорил: „Навистина ве заборавив и веќе ја раздадов сета земја, но бидејќи е така, јас сега ќе ви дадам едно мало парче од мојата рајска градина..“
И сега кога го имаме тоа мало парче „рајска градина“ треба да бидеме свесни и совесни и да водиме грижа за таа земја и за нејзината иднина, особено кога станува збор за екологијата, за здравата животна средина. Според мене и тоа е дел од патриотизмот, од љубовта спрема татковината, дел од вредностите какви што се негуваат особено во западните земји. Треба да си го почитуваме она што го имаме, да го браниме и да го штитиме од надприродни и човечки фактори кои негативно може да влијаат врз природата.
И се додека не почнеме да го селектираме сметот, се додека не престане сегашната практика еколошките такси за зелени политики што секојдневно ги плаќа секоја компанија при увоз на било која стока да се распределува во други министерства, се додека Министерството за земјоделство не воведе правично субвенционирање и да го поттикне органското производство, се додека имаме закони поврзани со екологијата кои за една иста проблематика во различни министерства или агенции различно се толкуваат и содаваат хаос при нивната примена, се додека Агенцијата за храна и ветеринарство не пристапи сериозно во однос на ГМО, се додека Министерството за економија не прогласи мораториум за издавање на концесии за рудници и не се фокусира на сериозна поддршка за обновливи извори на енергија, се додека Министерството за локална самоуправа, заедно со ЗЕЛС, не ги принудат општините да стават приоритет на заштита на животната средина – се до тогаш ние НЕМА да имаме доверба во нашите институции и НЕМА да се чувствуваме еколошки и здравствено безбедно во сопствената држава.
Сепак, верувам дека можеме поинаку да се однесуваме и да ја покажеме светлата страна на своето однесување спрема животната средина, само доколку и институциите покажат поголемо разбирање и волја за тоа и покажат поголема доверба спрема сопствeниот народ и го слушнат и неговиот глас за прашањата поврзани со зачувувањето на здравата животната околина.
Драган Чунгурски