Новите услови кои Бугарија и ги постави на Северна Македонија пет дена пред Самитот на ЕУ се крајно тенденциозни и претставуваат закана за земјата пред добивањето датум за преговори. Иако Бугарија се повикува на Договорот за добрососедство, чие исполнување е еден од условите за влез на Македонија во Европската Унија, со ваквите постапки ја доведува во прашање подготвеноста за соработка меѓу двете земји.
Неприфатливо е земја како Бугарија, која во Договорот се обврзува да работи на европската и евроатлантската интеграција насочена кон успешна подготовка на Република Северна Македонија за нејзино пристапување кон Европската Унија и НАТО, но и да работи на зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот, да поставува заканувачки ултиматуми, од позиција на земја членка на Унијата.
ЦИВИЛ потсетува дека во член 11 од Договорот за добрососедство и соработка, двете земји се обврзуваат дека нема да преземаат, поттикнуваат и поддржуваат дејствија насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер. Исто така, потсетува ЦИВИЛ, според истиот член, секоја од договорените страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, што значи дека Бугарија е свесна за постоењето на македонското малцинство на нејзината територија. Оттука, инсистирањето за бришење на македонското малцинство во Бугарија, како и непризнавањето на македонскиот јазик, значи непридржување и непочитување на Договорот од страна на Бугарија. Истиот договор, чие исполнување е еден од условите кои Бугарија ѝ ги постави на Македонија.
Факт е дека отворените прашања мора да се расчистат во име на добрососедските односи и стабилноста во регионот. Но со задирањето на Бугарија во македонскиот јазик, историја и идентитет, како услов за влез во Европската Унија, не оставаат простор за компромис.
Решавањето на овие прашања е можно единствено преку дијалог и соочување, како со минатото, така и со сегашноста, а не со поставување на заканувачки ултиматуми, кои не одат во прилог на ниту една од двете земји.
ЦИВИЛ го осудува ваквото однесување на Бугарија, кое не е одлика на земја членка на ЕУ, и на земја која претендира да поддржува позитивен развој на добрососедските односи, а истовремено да ги минира.
ЦИВИЛ ја повикува Владата на Република Северна Македонија, како и сите останати политички и општествени чинители, на оваа нова пречка во интеграциите, да ѝ пристапат рационално, аргументирано, и во најбрз можен рок да ја известат јавноста за следните чекори по ова прашање.