Промовирана „Граматиката на современиот ромски јазик“од авторите Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам денеска се обратија на промоција на „Граматика на современиот ромски јазик“ од авторите Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш, по повод Светскиот ден на ромскиот јазик – 5 ноември.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека една од суштинските димензии на инклузивните општества е толеранцијата, почитувањето и поттикнувањето на културната разноличност.

„Како општество еднакво за сите, се препознаваат, почитуваат и слават повеќекратни и разновидни идентитети. Кога ја славиме различноста и афирмацијата на разликите, создаваме општество на кое му се туѓи дискриминацијата и предрасудите“, рече премиерот Заев и додаде дека „Граматиката на современиот ромски јазик“ е капитално дело што може да послужи како основа во создавањето материјали наменети за училишната практика во образовниот процес.

„Конечно, постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината.
Една таква успешна приказна е „Граматиката на современиот ромски јазик“. Заедно со Речникот на ромски јазик кој е во подготовка, станува збор за публицистички дела кои се темелници на јазичната култура и наука на секоја заедница“, рече премиерот Заев оддавајќи им почит и признание на авторите.

Министерот за задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во нашата земја, Музафер Бајрам истакна дека основните особености на еден народ секогаш биле неговото културно наследство, неговото писмо, и пред сé и над сé јазикот како основно средство за меѓусебна комуникација.

„Можам слободно да заклучам дека успеавме, граѓаните успеа, Владата на Република Северна Македонија успеа во обидот да изгради инклузивно општество за сите, општество каде повеќе ќе нема поделби врз основа на нација, вера, раса, пол, општество каде секој граѓанин ќе се чувствува еднаков и рамноправен, успеавме да ги затвориме портите на национализмот, алатка која мошне вешто и итро ја употребуваше претходната владејачка гарнитура“, рече министерот Бајрам.

За потребата од „Граматиката на современиот ромски јазик“ говореше и авторот Љатиф Демир, кој подвлече дека создавањето на вакви дела не значи само големи напори и вложен труд во нив, туку претставува и огромна одговорност кон она што значи идентитет на еден народ, а тоа е јазикот.

 

 

„Свесни за големата одговорност што ја обележува оваа дејност го цениме трудот на сите автори на досегашните дела кои го третираат ромскиот јазик. Нивното издавање се стреми кон постигнување изедначеност на ромскиот јазик, односно да се придонесе кон унификација на стандардниот ромски јазик. Тука би сакал да го споменам нашиот вечен професор Шаип Јусуф, кој прв го трасираше патот на современиот ромски јазик во нашата земја“, рече авторот Љатиф Демир.