Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“- Скопје од денеска до 15. ноември ќе се одржат четвртите Отворени денови, за сите вљубеници и почитувачи на македонскиот јазик.
Посетителите ќе можат да се запознаат со животот на Мисирков, да погледнат факсимили, оригинални документи поврзани со животот и дејноста на овој наш културен деец, а ќе биде отворена и спомен-собата на Крсте Мисирков.
Централно место во рамки на Отворените денови е меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања“, што ќе се одржува на 13 и 14 ноември во просториите на Институтот за македонски јазик. Ќе бидат промовирани четири најнови изданија од Институтот.
За годинешнава тема на конференцијата пројавиле интерес над 60 учесници од осум земји. Покрај учесници од нашата земја, ќе има од Босна и Херцеговина, Полска, Русија, Србија, Турција, Хрватска и САД. Во рамки на конференцијата ќе бидат промовирани повеќе зборници.