Би сакал да се заблагодарам за поканата да се обратам на денешниот настан, во рамки на поддршката која ја дадов на кампањата за подобра животна средина – „Не игнорирај! Реагирај!“ – се обрати претседателот Пендаровски на Конференцијата Климатска акција Да се спречува и да се лекува!
Сакам да ја поздравам идејата за одржување на оваа конференција на која ќе се дискутира за постоечките ризици во оваа сфера и за решенијата за ублажување на негативните последици од климатските промени.
Со години наназад сме сведоци на видливите негативни трендови во оваа област и затоа мораме да делуваме итно и во континуитет. Климатските промени не се процес кој не чека во иднина, туку се наша реалност денес, која влијае врз нашиот квалитет на животот, здравјето, економските процеси, врз инфраструктурата.
Ние политичарите, како и раководителите во институциите, експертите, едукаторите и бизнисмените имаме обврска, секој во рамките на својата надлежност, активно да работиме со цел да креираме поздрава животна средина.
Минатата седмица се сретнав со претставници на десетина граѓански организации и иницијативи кои ми се обратија за преземање мерки за заштита на животната средина. Она што им го ветив ним, ќе го повторам и денес. Како претседател ќе сторам се што е во моја надлежност но и јавно ќе повикам на поголем ангажман на повеќе надележни сектори во нашето општество заради ублажување на негативните ефекти кои сите ние ги чувствуваме.
Во оваа насока сакам да информирам дека иако беше во завршна фаза, пред да ја потпишам ја вратив во процедура Стратегијата за одбрана за да ја дополниме со посебен дел за мерки и активности за еколошка безбедност.
Исто така, на идната седница на Советот за безбедност којашто ќе се одржи во средината на декември, заштитата на животната средина ќе биде ставена, за првпат во историјата, како точка на дневниот ред, а на таа седница ќе бидат поканети да присуствуваат претставници на граѓанските организации кои ќе имаат можност директно со членовите на Советот да разговараат за оваа важна тема и да предложат мерки за поголема заштита на животната средина и справување со загадувањето.
Во оваа прилика сакам да истакнам дека ја поддржувам заложбата на граѓанскиот сектор да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина со цел да се приближиме кон просекот на земјите-членки на ЕУ. Давам и поддршка на предлогот за создавање на национален фонд за заштита на животната средина.
Паралелно со практичните мерки од институциите и бизнисите, неопходно е да инвестираме и во образованието. Да им овозможиме на учениците од основните и средните училишта да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина.
Потребно е да се фокусираме на развој и поддршка на иновативни еколошки пристапи, одржливи развојни стратегии и да ги користиме новите технологии за климатска акција. Исто така, сметам дека законите и стратегиите за енергетика, за одржлив развој, за управување со отпад, мораат да бидат во склад со највисоките меѓународни стандарди за заштита на животната средина.
Природата веќе извесен период не предупредува дека немаме уште многу време за да ја зачуваме планетата. Драстичната загуба на биодиверзитетот е еден од главните еколошки проблеми во светот и претставува сериозна закана за чуствителните еко системи, како и човековата благосостојба. Нашата држава претставува една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа, според бројот на регионални, национални и локални ендемити. Охридското и Преспанското езеро, кањонот Матка, високите планински врвови на Шара во себе кријат огромен број на видови, кои се докази за богатата природна историја на државата. Од друга страна, Северна Македонија има најмал процент на заштитени подрачја во регионот и во Европа. Шар Планина, Осогово и Јабланица, се само дел од подрачјата кои чекаат на конечна законска заштита. Сметам дека преку зголемување на мрежата на заштитени подрачја ќе се гарантира опстанокот на многу растителни и животински видови, како и на нашите ретки екосистеми. Повикувам да го заштитиме националното природно богатство. Преку заштита на важните природни подрачја и намалување на физичкото уништување на природата на најдобар начин се бориме против загубата на видовите.
Сите ние преку самокритичност и навремена и брза реакција треба да бидеме упорни во заложбата да имаме почиста и поздрава животна средина, справувајќи се со последиците од климатските промени. Како претседател ќе се залагам за политики за заштита на животната средина и националниот биодиверзитет, а ќе ги поддржам и сите граѓански иницијативи со кои се поттикнува јавната свест за екологијата. Од нас самите зависи дали ќе живееме во чиста и здрава животна средина. Затоа ве повикувам сите да се здружиме во оваа заедничка мисија и да им оставиме на идните генерации почиста и побезбедна земја за живеење – порача претседателот Пендаровски.