Под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај” од денеска, 22 до 29 ноември,се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ кон која се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Во рамки на Европската недела на тестирање за ХИВ од денеска до следниот петок, во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, и тоа секој работен ден од 17:00 до 21:00 часот и за време на викендот од 11:00 до 15:00 часот. За подетални информации граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.
Дали треба да направат ХИВ тест и други информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ граѓаните може да дознаат и на мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест. Преку неа може да се информираат за сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.
Се проценува дека денес во нашата држава 35% од луѓето со ХИВ не го знаат својот ХИВ-позитивен статус, односно не се свесни дека се ХИВ позитивни. Подобро е да се знае својот ХИВ статус што поскоро, затоа што денес со терапијата за ХИВ која е достапна и кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и доколку не се користи заштита, односно кондом. Затоа е толку важно навременото тестирање, потенцираат од ХЕРА.
Дали ХИВ може да се најде во прехранбените продукти во маркетите? Дали може да се пренесе преку допир, прегратка или бакнеж? Дали „HAARP“ системот има влијание врз епидемијата на ХИВ во светот?
Во рамките на есенската кампања на Европската недела за тестирање, „ХЕРА“ и „Заедно посилни“ ве покануваат на неформална дружба која ќе опфати разговори, проверка на митовите и фактите за ХИВ и проекција на неколку кратки видеа со лични приказни за животот со ХИВ. Исто така, ќе имате можност да се информирате за сервисите на двете организации и да ги запознаете луѓето вклучени во нивното давање.