Градскиот трговски центар во Скопје доби зелен покрив. Местото каде што граѓаните на Скопје од денеска ќе можат да уживаат во убавините на зелениот покрив на овој објект го отворија градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева,Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар и Ѓоко Трајчевски, Директор на ГТЦ.
Покривот на ГТЦ кој до лани беше речиси неискористен сега стана атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот за сите посетители.
Согласно со проектот, на површина од 1800 квадратни метри засадени се повеќе од 20 висококвалитетни дрвја и над 30 други видови садници од категориите на средно и ниско зеленило. Поставени се неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, амфитеатрални скали, партерно шаховско поле и модерна урбана опрема согласно со потребите на посетителите. На тој начин делумно се надоместува загубеното зеленило во делот на Малиот ринг.