Министерството за надворешни работи го подготви нацрт предлог-законот за надворешни работи во кој се дефинираат критериумите за избор на амбасадори, односно се одредува дека од вкупниот број шефови на димпломатско-конзуларните претставништва најмалку 80% треба да бидат именувани од редот на кариерните дипломати.
„За вонреден и ополномоштен амбасадор односно генерален конзул може да биде поставен односно именуван кариерен дипломат со дипломатско звање најмалку министер советник кој има најмалку 15 години работно искуство во Министерството, од кои најмалку пет на раководно место и со најмалку два мандати работа во дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП)“, предвидува нацртот на предлог-законот за надворешни работи објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи.
Во овој документ се вели дека шеф на ДКП, по исклучок, како некариерен дипломат, може да биде и афирмирана личност која меѓудругото треба да има завршено високо образование и да има најмалку 15 години работно искуство во областа на политиката, економијата, надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, културата или науката, од кои најмалку 4 години на раководно место.
Истовремено услов за некариерните дипломати е активно да владејат еден, а пожелно и втор странски јазик од јазиците во службена употреба во Организацијата на Обединетите нации или од работните јазици во ЕУ.
Меѓудругото, се бара кандидатите да имаат високи морални квалитети и личен интегритет и да поминат три месеци на обука во Министерството во текот на подготовките пред заминување на должноста шеф на ДКП.
„При именување на шефовите на ДКП-а задолжително се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и принципот на родова еднаквост“, се вели во документот.