Започна реконструкцијата и проширувањето на пластичарската улица

Сподели

 

Екипите на Град Скопје ја почнаа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, односно познатата Пластичарска улица. На оваа прометна сообраќајница градежни работи ќе се изведуваат на потегот од клучката кај Бит пазар, до влезот во касарната „Илинден“, на вкупна должина од 1.440 метри.

 

 

– “На овој дел ќе се изведе атмосферска канализација која досега не постоеше, а ќе се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации за што се известени правните субјекти. Правилото е јасно – пет години по завршувањето на реконструкцијата на одредена сообраќајница нема да дозволуваме прекопување. Ова е прва фаза од реконструкцијата на оваа улица, во тек е проектирањето на втората фаза и очекувам напролет да ги продолжиме градежните работи од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, заедно со големата клучка која планираме да ја направиме кај Тетовска трошарина. Оваа делница е една од најфрекфентните точки во сообраќајот и затоа го почнуваме овој зафат. Разговаравме со сопствениците на деловните објекти по должината на оваа улица за градежните работи да не го нарушат во голема мера нивното работење. Нашите очекувања се дека во април наредната година оваа делница ќе биде готова. Ќе добиеме современа сообраќајница која ќе има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило каде што тоа го дозволува просторот” – изјави градоначалникот Шилегов.

 

 

Шилегов ги замоли граѓаните за трпение и апелираше брзината на движење да ја приспособат кон условите на патот, за по само неколку месеци да можат да сообраќаат по нова и модерна улица.