ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предложи следниве кандидати за министри и заменици министри во техничката влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април 2020 години.
– За технички министер за труд и социјална политика ќе биде д-р Рашела Мизрахи.
Рашела Мизрахи има докторирано на Универзитетот Бар Илан во Израел, каде станува доктор на науки по биохемија. Има остварено научно истражувачки дејности од повеќе области на Универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се: биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки, на катедра на проф. Хаим Браитбарт, Универзитет Бар Илан, Израел. Менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада.
Своето работно искуство го стекнува на институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински Центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и повеќе други обуки.
Мизрахи работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за Туберкулоза во Република Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, како и Асистент на катедрата за Физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје.
-Цветан Трипуновски ќе биде предложен за нов заменик министер за земјоделие.
Цветан Трипуновски има работено во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник, а претходно од 2015та до 2017та година ја извршуваше и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006та до 2008та година е прв човек на државната фитосанитарна лабораторија.
Трипуновски од 2008та година до 2012та година беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија. Цветан Трипуновски од 2017 година е и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. По струка е дипломиран земјоделски инженер, а моментално е и пост дипломец на Земјоделскиот Институт во Скопје.
– За нов заменик министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска е магистер по економски науки на Универзитетот Св Кирил и Методиј.
Вработена е во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно има работено во Стопанска Банка, во Македонски Телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Гордана Димитриеска Кочоска поседува обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати од повеќе области како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG.
– За нов заменик министер за информатичко општество и администрација ќе биде предложена актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска Стојковски.
Претходно работела во секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции каде што била координатор на економските промотори, и работела на привлекување странски инвестиции.
Таа е магистер по Европско право и право на Европска Унија. Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ООН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ фондови и други обуки.