Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата беа разменети мислења и информации за тековните процеси во државата, во пресрет на скорешното членство во НАТО алијансата.
На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за актуелната состојба во Ирак и на Блискиот Исток.
Со полноправното членство во НАТО, истакна претседателот Пендаровски, се остварува еден од клучните стратешки приоритети на Северна Македонија, дефинирани од почетокот на нејзината независност.
Придонесот во меѓународните мисии и вежби предводени од НАТО, според претседателот Пендаровски, се доказ дека нашата Армија е подготвена да придонесе во колективниот систем за безбедност на Алијансата.
Претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за натамошни реформи во Армијата и зголемување на нејзиниот буџет на 2 отсто од БДП до 2024 година.
На средбата беше потврдена поддршката што ја дава Алијансата за претстојната фаза на финализирање на интеграцијата на нашата држава во НАТО и беше посочено дека Република Северна Македонија од ценет партнер станува сојузник во Алијансата.