Претседателот на Владата Оливер Спасовски се сретна со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнз. На средбата е изразена силна поддршка за посветеноста на премиерот Спасовски и на Владата за да се продолжи активно со започнатите реформски процеси во државава.
Констатирано е дека периодот на преодната влада во наредните неколку месеци бара ангажман и одлучност од сите страни, за остварување на големите цели чијашто реализација е во тек. Тоа се Република Северна Македонија да биде потврдена како 30-та активна земја членка на НАТО и отпорна растечка демократија на патот кон Европската унија.
Оценето е дека нашата држава во претстојните парламентарни избори влегува со многу подобра институционална стабилност, и дека е важно таквата позиција да се сочува.
-“Врвен приоритет на Владата се неколку подеднакво важни сегменти на коишто сме цврсто фокусирани: да се продолжи со остварувањето на националните интереси како што се интеграциите во НАТО и во ЕУ и на сите започнати проекти за граѓаните во сите области, спроведување фер и демократски избори со споделена одговорност од сите политички субјекти, продолжување на изградбата едно општество за сите со почитување меѓу сите етнички заедници, продолжување на определбата на нашата држава да придонесува за стабилноста и соработката во регионот”, рече премиерот Спасовски.
Во таа насока, изразени се очекувања дека сите во Владата, во институциите, сите политички субјекти, ќе бидат на ниво на задачите, со цел натамошна стабилност и сигурност и остварување на стратешките цели, за добрата иднина на државата и граѓаните.