Средба на претседателот Пендаровски со Вархеји, Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји.

Посакувајќи му добредојде, претседателот Пендаровски му го честиташе именувањето на Вархеји за Комесар за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ и му посака успех во работата и изрази очекување дека тој ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан.

 

 

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската унија.

Претседателот Пендаровски истакна дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, посочи претседателот Пендаровски на средбата, фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Северна Македонија, истакна претседателот Пендаровски, останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните. Претседателот изрази надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.

 

 

Во контекст на предвремените парламентарни избори, претседателот Пендаровски повика на одговорност од сите политички чинители и истакна дека тие треба да бидат фер, слободни и во демократска атмосфера, со оглед на нашите аспирации за идна земја-членка на Европската унија.