Врачена Светската награда за хуманизам на академик Георги Старделов

Сподели

 

 

Во кругот на одбраните 14 светски великини, добитници на Светската награда за хуманизам влезе и академик Георги Старделов.

Високото светско признание што го доделува Охридската Академија на хуманизмот, на академик Старделов во Куќа Уранија (МАНУ) во Охрид, на пригодна свеченост му го врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

 

 

Академик Георги Старделов, е првиот добитник од Македонија.

На свеченоста присуствуваа претседателот на МАНУ, академик, Љупчо Коцарев, академик Вера Грозданова Битракова, како и бројни претставници на научниот, културниот и политичкиот живот од земјата и светот.

–”Вечерва кога сме „најблиску до Бога“ со чиста љубов и мисла се поклонуваме пред делото на Македонецот, кој со своите величенствени творечки достигнувања успеа да ја извиши нашава земја до најодалечените Светски културни меридијани. Академик Георги Старделов е четиринаесеттиот добитник по ред на светската награда за хуманизам, а прв од Македонија, правејќи не со тоа, нас Македонците, исклучително горди што припаѓаме на неговиот род” – истакна градоначалникот Георгиески.

Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број јазици на петте континенти.

–”Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот” – истакна Старделов.

Старделов во својата беседа најповеќе зборуваше за големите предизвици, пред кои стои планетата земја, пред сѐ, од аспект на еколошкиот атак, наведувајќи ги, како што рече, библиските опожарувања во моментов во Австралија.

-Човештвото бара нова био-етика и нова био физија. Како да излеземе од границите на нашето време, би кажал Едгар Морен. Светот мора да се пробуди, додека не биде доцна, да му се вратиме на учењето на еден од светските великани Мартин Лутер Кинг: Темнината не може да се победи со темнина, туку само со светлина, ниту пак омразата може да се победи со омраза, туку само со љубов и сакање, напомена Старделов.

Во својата беседа академик Старделов, најповеќе се задржа на феномент на, како што рече Јонусовото лице на науката, која од една страна се извишува во вселената, а од друга страна нѐ остава пред опасноста секојдневно да не демне апокаликпсата и исчезнувањето, доколку не го прифатиме неминовното освестување, а опстојот да го здружме со природата и човекољубието.

Се задржа и на епохалоноста на делото на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум, кои во Охрид ја создадоа новата цивилизација-словенската, втемелувајќи ја писменоста, преку охридската книжевна школа.

Во својата инспиративна реч, за академик Георги Старделов, претседателот на Охридската академија на хуманоста, Јордан Плевнеш, напомена дека тој станува прв добитник на Светската награда на хуманизмот од Македонија, бидејќи е автор кој припаѓа на врвот на Светската цивилизација, рече во беседста за добитникот претседателот на Охридската академија на хуманизмот Јордан Плевнеш.

 

 

-Вие кога ќе ја изговорите парадигмата Weltschmerz и македонскиот бол станува дел од светскиот бол. Кога Вие ќе изговорите светска филозофија и Македонија ја добива со Вас потпорната Архимедова точка. Кога ќе речете Светска историја го одредувате местото на Македонија и нашите очи се свртени кон Вашата реторика, бидејќи Вие сте оратор што не се повторува еднаш на 1000 години – рече Плевнеш.

На свеченоста беше прочитана и Беседата за Старделов, од страна на  претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџот од Лондон, кој беше спречен да допатува во Охрид.

–Мислам дека овогодинешниот лауреат, за 2020 година, академик Георги Старделов, со целокупното негово дело, во доменот на литературата, естетиката и филозофијата, е вистинската интернационална референца и нов столб на хуманизмот кој ќе продолжи да ја води ваквата борба, токму затоа што тој, покрај своите таленти и знаење, ја има и привилегијата да биде Македонец! Да се биде Македонец, значи да не се припаѓа на ниедна од големи националистички ложи на Европа на неприкосновената моќ, и во таа смисла можеме да можеме слободно да им судиме на идеите што сакаат по секоја цена да ни ги наметнат во нашата современост – нагласи овој голем хуманист, истовремено и добитник на истата награда.

Жан-Патрик Конрад, истовремено, напиша посебна поема посветена на академик Старделов.

Веле Митаноски