Шпанската Влада бара од Парламентот по итна постапка да го ратификува Протоколот за НАТО

Сподели

 

Владата на Шпанија вчера го одобри и го достави на усвојување во Паралментот протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Владата на премиерот Педро Санчез побара од Парламентот протоколот да биде ратификуван по итна постапка имајќи предвид дека Шпанија е последна од 29-те членки на НАТО што тоа го нема направено, пренесува шпанската новинска агенција ЕФЕ.

„Неопходно е ратификацијата да биде по итна постапка со цел да не се одложуваат заложбите на Шпанија како сојузник во НАТО за прием на Северна Македонија во Алијансата“, се вели во образложението на шпанската Влада.

Владата во Мадрид во јули лани достави до Парламентот барање за ратификација на протоколот, но поради распишувањето на предвремените парламентарни избори на 10 ноември постапката беше прекината.

Лидерот на социјалистите Санчез на почетокот на месецов доби поддршка од Парламентот за да формира коалициска влада, со што се стави крај на речиси едногодишната политичка криза во четвртата по големина економија во еврозоната.

За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а приемот на Северна Македонија како 30. членка на НАТО е извесно, влезот е само формалност, бидејќи одлуката и согласноста од 29 земји-членки е веќе дадена.
Од наша страна, пак Предлог-законот за ратификација веќе е во собраниска процедура. Владата кон крајот на минатиот месец се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април, а Парламентот се распушта на 11 февруари.