Град Скопје: Започна изградбата на кружен тек во Чаир

Сподели

 

Екипите на Град Скопје денеска почнаа со изградба на кружен тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула, во општината Чаир. Градежните работи на новиот кружен тек се очекува да завршат за околу два месеца, во зависност од временските услови.

 

 

“Оваа локација ја одбравме токму поради тоа што густината на сообраќајот на оваа раскрсница е голема, а во близина се наоѓаат основно и средно училиште, како и Поликлиниката „Чаир“. За да ја зголемиме безбедноста во одвивањето на сообраќајот сега овде градиме кружен тек, а ќе се постави и водоводна и канализациона мрежа. Ќе бидат инсталирани и 40 нови канделабри со висина од 7 метри за да се осветли овој потег. Целата инвестиција на Град Скопје во овој проект е околу 19 милиони денари. Нашата крајна цел е во целиот град инфраструктурата рамномерно да се развива. Во минатото, овој дел од градот бил запоставен, нешто што сериозно го исправаме во изминативе две години” – рече денеска градоначалникот Шилегов.

 

 

На почетокот на градежните работи на кружниот тек меѓу улиците Втора македонска бригада и Кемал Сејфула присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.