Бугарското издание на руската новинска агенција „News Front“ во статија посветена на раѓањето на Гоце Делчев, објавена на 23 јануари, доајенот на македонското револуционерно дело го претставува во целост како Бугарин.
Но фактите, говорат нешто друго, односно историографијата го демаскира таквото тврдење.
Да тргнеме по ред. Прво, статијата почнува со зборовите „На 23 јануари (стар стил) 1872 година во бугарскиот град Кукуш…“.
Но наведувањето на родното место, Кукуш, како „бугарски град“ не одговара на вистината. Кукуш во тоа време е дел од Отоманската империја, а не од Кнежевството Бугарија, па не може да биде „бугарски“. Дополнително, тоа „на денешен ден“, ако се бара влакно во јајцето, не е целосно точно ако идејата била да се одбележат точно 148 години од раѓањето на Гоце Делчев, оти сметано во години од по 365 дена, точната годишнина, според актуелниот, Грегоријанскиот календар, којшто се користи и во Бугарија, се паѓа на 4 јули. Но тоа е тривијално и небитно во однос на дезинформациите што се изнесуваат во текстот на руската квази-агенција, односно пренесувањето на добропознатите извртени толкувања на историските факти за Гоце Делчев.
Така, неколку пасуси подолу во текстот на руската новинска агенција „News Front“ се вели дека Гоце Делчев, откако бил назначен за учител во Штип, „се сретнува повторно со Дамјан Груев, еден од основачите на БМОРК и е привлечен во организацијата…“. Но Даме Груев не е основач на БМОРК (Бугарско-македонски револуционерни комитети), туку на Македонската револуционерна организација(МРО).
Имено, на 23 октомври (по стар стил, односно по јулијанскиот календар) во 1893 година во Солун Даме Груев, Христо Татарчев, Ивано Хаџиниколов, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Христо Батанџиев, ја основаат Македонската револуционерна организација. Дури подоцна, и во краток период, ќе биде нарекувана БМОРК, но не од сите членови.
А за тоа за каква идеја всушност се борел Гоце Делчев, може да се прочита во транскрипт од неговиот разговор со тогаш (1896 година) првиот човек на Врховниот комитет, генералот Данаил Николаев.
И, на крајот на демаскирањето на дезинформациите во текстот на руската агенција, ќе се зафатиме со можеби една од трите најголеми недугавости во него. Така авторот при крајот на текстот вели дека по 9 септември 1944 година, „Бугарија ја менува политиката за македонското прашање и под притисок од СФРЈ и директно од ССР, Бугарската комунистичка партија (БКП) ги предава коските на Гоце Делчев на Скопје… БКП го презема тој чекор за да ја зачува БАРЕМ автономијата на Македонија, кога Србија во тоа време била решена дури да НЕ признава автономија, а буквално да ја завземе територијата и населението на Македонија“, се вели во статијата на руската агенција.
Ваквото тврдење е целосно неточно. Со второто заседание на АВНОЈ од 21 до 29 ноември 1943 година; Македонија (иако тогаш неослободена) станува рамноправна република во Демократска федерална Југославија (Која по две години е преименувана во Федеративна Народна Република Југославија). Нејзината рамноправност и постоење се потврдува потоа и од заседанијата на АСНОМ. Така што, тврдењата за некакви напори на Србија да ја завземе територијата и населението, се апсолутно неточни. Она за што пишува во текстот, се случувало во претходната Југославија, во Кралството Југославија.
На самиот крај, „News Front“ е „агенција“ која јасно за себе вели дека има огромна носталгија за поранешниот СССР и дека има за цел да ја шири „вистината за Русија и за денешнината“. Агенцијата има изданија и на руски, англиски, германски, француски, шпански, српски, унгарски и грузиски.