Театар КОМЕДИЈА, “Вечера за глупаци” – Автор: Францис Вебер, 29.јануари
Режија: Ирена Стеријовска
Сценографија и костимографија: Ана Кркулевска Попоски
Асистент на сценограф: Дарко Ристески
Избор на музика: Александар Јорданов
Дизајн на светло: Владимир Димоски
Пjер Брошан – Валентин Костадиновски – Тино
Франсоа Пињон – Атанас Атанасовски
Само Леблан – Илија Илиоски
Лисјен Коњал – Тони Денковски
Кристина Брошан – Ема Давчева
Марлена – Благица Трпковска
Др. Аршамбо – Јаков Спасов / Столе Мицов
За приказната:
„Вечера на глупаци“ е приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева. Низ таа фарса од ситуации се отвора прашањето за тоа кои се вредностите што креираат квалитетен живот: дали тоа што може материјално да се поседува и општествениот сталеж, или способноста да се сочувствува и да се биде искрен? Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси помеѓу крајностите, во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт, чија предвидливост и контрола порано или подоцна стануваат мит.
“Ceci n’est pas une pipe” – Деконструкција на 4-тиот ѕид
Со сценскиот израз инспириран од филозофијата на познатиот француски надреалист Рене Магрит во неговата „Ова не е луле“ ( туку слика од луле), во оваа претстава истражувавме за начинот на раскажување приказна и експериментираме со деконструкција на класичната физичка дистанца помеѓу гледачот и дејствието на приказната.
Имено, гледачите се поставени во воајерска позиција, односно тие самите се обрач на станот во кој се случува дејствието. Тие директно и безмалку однатре го чувствуваат течението на приказната, што пак лично нив ги става во воајерска позиција од која ќе може да ги следат невообичаените ситуации што им се случуваат на протагонистите. Со тоа концептот на некој начин го коментира, па и го казнува казнува ликот кој решава воајерски да им се исмејува на послабите од него, со тоа што му конструира ситуација во која и тој самиот е жртва на „воајеризмот“ на публиката.