Нуредини: Нема да дозволам да станеме депонија за странски отпад

Сподели

 

Повеќе од пола година во жешкото столче на Министерството за животна средина и веќе го „тера“ својот втор мандат, а јавноста многу малку го познава, веќе не толку новиот министер, Насер Нуредини. Министерството со кое раководи има негативен имиџ во јавноста поради владеачката перцепција дека власта не прави доволно да го намали загадувањето и дека штити бизнис интересите на поединци и компании за сметка на здравјето на граѓаните.

Колку партијата која Ве постави на оваа позиција, ДУИ, влијае на Вашите одлуки како министер?

– Од мене беше побарано да си ја работам работата професионално и компетентно за да се подобрат условите за живот во мојата земја и ми беше дадена комплетна слобода за тоа.

Ве прашувам бидејќи во јавноста постои став дека Министерството за животна средина штити одредени бизнис интереси на лица блиски до ДУИ и до власта.

– Никому не сум направил услуга ниту некому ја должам, можеби во два наврата ме консултирале за мислење и ништо повеќе.

До сега граѓаните беа убедувани од сегашната власт дека самите себеси се загадуваат и дека индустријата не загадува бидејќи ги почитува стандардите и се мониторира.

– Не сум сигурен дека е таков ставот. Кога би кажал така, би згрешил. Статистиката покажува дека преку цела година индустријата и сообраќајот загадуваат повеќе, но во грејната сезона речиси половината од загадувањето се генерира од загревањето на нашите домови, но и на државните институции. Поради тоа гледаме што е можно повеќе јавни објекти да поврземе со централното греење или гас, онаму каде што тоа е можно.

Вашиот заменик-министер се прослави со изјавата за мерачите „Али експрес“. Кое е вашето мислење?

– Не можам да коментирам за приватните мерни инструменти, ниту каде ги купуваат луѓето, ниту на какви места ги поставуваат. Ние како министерство ги базираме нашите одлуки на државните мерни станици. Тоа се многу комплексни и многу скапи инструменти, еден чини 250 илјади евра, ги имаме 18, а ќе добиеме и две нови, за Гевгелија и Битола и тоа е планирано да се реализира годинава, со помош на прекугранична соработка со Грција. Не сум експерт на темава, ми беше објаснето дека и многу од поскапите мерни инструменти од технологијта која се набавува приватно, може да има девијации на податоците дури и до 30 проценти. Она што јас мислам дека е поважно е да не ги следиме само неорганските ПМ честички туку да видиме кои сè органски полутанти има во воздухот за попрецизно да детерминираме кои се изворите на загадување. За тоа ни треба акредитиранаа лабораторија.

Го најавивте акредитирањето на Државната лабораторија за годинава.

– Секоја држава мора да има своја акредитирана државна лабораторија и ние како министерство треба да можеме да си ги базираме своите одлуки на резултати добиени од таква лабораторија. Се надевам дека ќе биде завршен процесот на акредитација годинава бидејќи веќе навлеговме во процесот со нејзино реновирање и доопремување. Веќе сме во процес на изнаоѓање на институција која ќе не води низ процесот на акредитација.

Дали сметате дека предложената измена на законот за отпад, предложена од ДОМ, за забрана за увоз на отпад за согорување позитивно ќе влијае на сегашната ситуација во која граѓаните изразуваат голема загриженост од тоа каде тој отпад завршува?

– Како министерство предложивме шест нови закони од областа на постапување со отпадот, усогласени со ЕУ регулативите. Сметам дека ќе беше подобро прво да поминеа нашите шест закони па повторо заедно да го разгледавме тој предлог. Ја ценам идејата што е зад овој предлог, како и загриженоста. Државата има обврски произлезени од меѓународни договори, а отпадот за согорување е всушност РДФ (refuse derived fuel-гориво од отпад) и секаде низ ЕУ е стандардна процедура во цементарниците да се согорува отпад. Скопската цементарница Титан-Усје во моментов добива само 5 проценти од енергијата од согорување отпад, а дозволата која ја имаат од 2013 година дозволува да согоrуваат до 20 проценти. Вистинското прашање е што ќе горат тие ако не горат РДФ, мазут, нафта? Увезениот отпад за горење во Цементарицата е класификуван во склад со прописите на ЕУ, проверен на граница.

Ваш коментар за случајот со екс-директорот на Дрисла и за информацијата дека скопската депонија пред три години добила дозвола за депонирање и на опасен индустриски отпад, а не само комунален.

– На Дрисла не се депонира ништо друго освен комунален отпад. Неделава треба да се видам со новиот директор на Дрисла за да видам кои им се идните планови, но сакам да нагласам дека Дрисла нема дозвола за увоз на отпад. Увоз на отпад не е дозволен и нема да дозволиме нашата земја да стане депонија за меѓународен отпад, заслужуваме подобро! Доколку има сомнежи и шпекулации за такво нешто, тоа треба да се истражи и расчисти. Токму затоа е важно да се донесат законите што ние ги предложивме. Со воспоставување на селекција на отпад ние ќе можеме самите да создаваме сопствен РДФ, на тој начин намалувајќи го она што на крај завршува на депонија, во нашата почва и во водата и храната преку неа. Не измислуваме ново, само ќе го применуваме она што кај другите донело успех, во некои земји како во Словенија за само 10 години.

Со оглед на важечките закони во земјава, можно ли е одреден вид на отпад да биде увезен како суровина која потоа „се преработува“ и кога ќе заврши, „преработката“, остатокот, всушност истиот тој отпад едноставно да се депонира некаде, на општинска депонија или едноставно на некоја од дивите депонии? И дали е тоа начинот на кој овие „суровини“, а всушност опасен отпад де факто завршувал во нашава земја?

– Отпадот може да се увезе само ако компанијата има дозвола за увоз за третман рециклирање и реупотреба. Кога во нашите документи стои ставка – увоз на опасен отпад, тоа се стари акумулатори кои содржат олово, тие се третираат и реупотребуваат. Имало случаи кога одредени странски фирми барале од нас дозвола за такво нешто за што вие зборувате, но секогаш биле одбивани. Нивно право е да прашуваат, а наше право е да им објасниме какви се нашите закони.

Планот за чист воздух на Владата се реализира бавно. Сè уште чекаме на огласот за инвертори…

– За жал, имаше некои законски пречки за сето тоа да оди побрзо и поспоро оди од она што го посакуваме.

До кога ќе чекаме на резултатите од тендерот за чистење на линданот?

– Сè уште се евалуираат пристигнатите понуди, во постојан контакт сме со УНЕП, постојано им досадуваме со прашања за да видиме до каде се. Мислам дека ќе успееме да добиеме најдобра можна опција за чистење на малата депонија со линдн наскоро. Истовремено, пред околу две недели „ЕКО Центар 97“ почна со вадење и извоз на хемискиот отпад од ОХИС бидејќи беа добиени потребните дозволи, дел заминува на уништување во Бугарија, поголемиот дел во Швајцарија. Вкупно треба да се извезат околу 80 тони разновиден хемиски отпад од ОХИС.

Што е со депониите со хемикалии во Пеленица, Југохром, Лојане?

– Со измените на Законот за животна средина кои чекаат на усвојување во Собрание, мораат да се идентификуваат сите жешки односно контаминирани точки, а сите сопственици, приватни или државни, на земјиште на кое има опасен отпад се задолжени да изготват менаџмент план.

Уште една жешка тема од вашиот ресор – малите хидроцентрали. Колку концесии за МХЕЦ се издадени откако сте министер, колку од нив во заштитени подрачја? Дали сте свесен, како министер, колку вакви штетни одлуки се донесени во минатото на сметка на заштита на природните убавини?

– Ниедна концесија не е издадена откако сум јас министер. Свесен сум за она што било претходно доделено, но имајте на ум дека сите се одобрени од Владата. Секако дека можат да се поништуваат владини одлуки, но тоа не е добар чекор. Веќе одземавме некои концесии и тоа не ни помага баш за угледот на нашата земја како економска дестинација. Треба да процениме дали МХЕЦ е нешто што ни треба во иднина или се подобра опција изградба на големи ХЕЦ со поголем енергетски ефект како Чебрен.

Прогласувањето на Шар планина за национален парк се одложува со децении. Зошто?

– Ха, затоа што јас не сум бил во земјава доволно долго… Шега настрана, ова е една од моите најголеми лични желби. Доста е направено досега, завршена е валоризацијата во соработка со УНДП па мислам дека можеме да се надеваме за тоа да се случи до октомври. Но, има уште неколку спорни прашања… некои линии треба да бидат повлечени… всушност повеќе од 90 проценти од територијата не е спорна, има само неколку спорни точки и тие треба да бидат направени како своевидни бафер-зони…

Ова се однесува на локации каде одредени луѓе имаат конкретни бизнис интереси, нели, како на пример мали хидроцентрали…

– Да, се работи за веќе претходно дадени концесии за мали ХЕЦ. Но, пред да направите случај од тоа, сакам да ви кажам дека бараме излез од ова.

Ќе успеете ли, што мислите?

– Па, јас сум ентузијаст, а и упорен сум многу. Само едно не сакам, а тоа е да завршиме така што државата ќе оди на суд, а Шара да ќе остане непрогласен национален парк. Со таков потенцијал за развивање на еко-туризам, а преку поврзување со Маврово и целиот регион сè до Охридско езеро и креирање на поширока област поврзана со туристичка инфраструктура, штета е да пропуштиме таква можност како држава.

мета.мк