СОНК бара веднаш да се отпочнат преговорите за потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор

Сподели

 

СОНК испрати барање до Министерството за труд и социјална политика во кое бара веднаш да се отпочнат преговорите за потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор, пишуваат од СОНК во барањето.

Во барањето понатаму се вели дека СОНК смета дека е неприфатливо МТСП континуирано да го избегнува ова прашање последниве неколку години, особено по се почестите и погласни барања на СОНК во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, барање кое беше јавно упатено на бројните протести ширум нашата држава. Исто така смета дека заедничките прашања во јавниот сектор треба да се уредат или доуредат со Општиот колективен договор и да бида опфатени сите вработени во јавниот сектор.

„Во спротивно, доколку општите придобивки, како што се регрес за годишен одмор, популарниот К-15, слободни платени денови, дневници за службени патувања и тн. се уредуваат со Грански колективен договор, а особено ако тој грански синдикат претставува многу мал процент од вработените во јавниот сектор, во тој случај се прави огромна дискриминација од причини што буџетските средства по ист основ не се трошат подеднакво за сите буџетари. Во вој случај државата како најголем работодавач, за некого ќе биде ‘мајка’, а за некого ‘маќеа’“, пишуваат од СОНК во барањето.

Во продолжение ви го пренесуваме барањето кое СОНК го испрати до МТСП:

 

 

Почитувана г-ѓа Министер,

Ви се обраќаме Вам, иако сме свесни дека Вие сте најмалку виновна за ваквите состојби во јавниот сектор, но факт е дека сега раководите со МТСП и реални се нашите очекувања, во рамките на Вашите надлежности како министер, но секако и како член на Владата, да преземете чекори за надминување на ваквите состојби во јавниот сектор.

Вработените во образованието, науката и културата не сакаат и нема да дозволат да се чувствуваат дискриминирано. Сигурни сме дека и вработените во здравството, одбраната, полицијата и останатите служби во државните и јавните установи ќе земат активно учество и поддршка во ова наше заедничко право. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги употребиме сите расположиви синдикални средства, не исклучувајќи ги и најрадикалните.